Доколку се спроведат уставните измени, тогаш следниот чекор ќе се случи автоматски, без можност за вето и дополнителни одлуки, вели во интервју за МИА евроамбасадорот Дејвид Гир.
Во одговор на прашањето како да се дојде до компромис за уставните измени, Гир вели дека треба да се промени духот на дијалогот, за да се оди напред, не само, како што вели, за уставните измени, туку и за реформите.
-Гледаме дека во земјата има голема поларизација меѓу политичките партии. Скоро сите политички партии јавно кажуваат и повторуваат дека се посветени на патот кон Европската Унија. Сепак, кога се работи за практична соработка, да речеме околу законодавство, со што земјата би напредувала и би било од корист за граѓаните, таа соработка не ја гледаме, нагласи Гир за МИА.
Видете и ова: Не е момент за предвремени избори, туку за уставни измени, порача европската тројка министриГир вели дека важно е кога ќе биде објавен конечниот текст на уставните измени, да има отворена дебата и сите политичари да се однесуваат на одговорен начин и да ги стават интересите на државата на прво место, да го видат текстот и да се уверат што всушност се предлага.
-Доколку, како што очекуваме, се работи за вметнување на луѓе што се декларираат како Бугари во Уставот, тогаш ќе стане експлицитно она што веќе е имплицитно во самиот Устав и тоа би претставувало понатамошно јакнење на веќе доброто досие на земјата поврзано со меѓуетничките односи. Не гледам дека тоа е спротивно на националниот интерес или закана по идентитетот на оваа земја. Сепак, ова се одлуки што треба да ги донесе самата земја, вели Гир во интервјуто за МИА.
Видете и ова: Државните над партиските интереси, порака од ЕУ до власта и опозицијатаВчера европската тројка министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и Словачка по средбите со сите политички лидери во Скопје порачаа дека уставните измени се единствената можност за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија. До Софија испратија порака да размислува стратегиски.
Уставните измени се внатрешно прашање, но без вметнувањето на Бугарите во Уставот Северна Македонија ќе застане на патот кон Европската Унија, а ќе остане и изолирана. Би било штета, Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка. Оваа порака заедно ја пренесоа на сите политички лидери во Скопје и побараа националните интереси да ги стават над партиските, министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Влаховски во име на на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.