Наќе Георгиев и Антонета Димовска се избрани за нови членови на Судскиот совет

Судски совет

Судијата Наќе Георгиев од Врховниот суд, кој беше единствен кандидат од редовите на врховните судии, е избран за член на Судскиот совет на денешните избори. За член на Советот од листата за скопското апелациско подрачје и од управните судови е избрана Антонета Димовска, судија на Граѓанскиот суд Скопје.

Претседателот на Комисијата за избор, Субхи Јакупи, соопштувајќи ги првичните резултати попладнево рече дека Наќе Георгиев добил шест гласа како единствен кандидат од општата листа на кандидати од Врховниот суд на РСМ. Гласале 13 од 16 запишани избирачи, седум ливчиња биле неважечки и три неупотребени.

Од листата за скопското апелациско подрачје и од управните судови, кандидатката Антонета Димовска, судија на Граѓанскиот суд Скопје, добила 110 гласови, а Лазар Нанев од Основниот суд Кавадарци добил 49 гласа. За кандидатите од оваа листа гласале 185 од 220 запишани гласачи, 26 ливчиња биле неважечки и 35 неупотребени.

Изборите беа спроведени за да се пополнат две места во Судскиот совет по оставките на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и на Зоран Герасимовски - судија од скопска Апелација.

Видете и ова: Министерот за правда Лога со предлог за распуштање на Судскиот совет

Гласањето траеше седум часа (од 8 до 15 часот) и право на глас имаа 236 судии, 16 врховни судии и 220 судии од скопското апелационо подрачје - Основниот граѓански суд Скопје, Основен кривичен суд Скопје и основните судови од Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Куманово, Крива Паланка и Кратово, како и судиите од Управниот и Вишиот управен суд.

Јакупи рече дека Комисијата за избор го следела изборниот процес во сите 13 гласачки места за двете листи на кандидати за кои излезеноста на гласачите била 84 отсто.

„Немаме досега никакви забелешки ниту од кандидати, ниту од комисиите кои го извршиле изборот. Задоволни сме од исходот од изборниот процес“, рече Јакупи.

Според член 26 од Закон за Судски совет, има два рока за приговори од кандидатите – првиот рок е за текот на гласањето и трае пет часа односно од затворање на гласачките кутии (во 15 часот) и ќе трае до 20 часот.

Вториот рок за приговори до Комисија за избор, кој исто така трае пет часа, се однесува на резултатите и тече од нивното соопштување.

„Ако од кандидатите нема приговори, ние имаме право во рок од 48 часа да ги соопштиме конечните резултати. Ќе причекаме дали ќе има приговори, ако не, може и утре да ги објавиме конечните резултати за двете листи на кандидати“, рече Јакупи.

Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои осум члена ги избираат судиите од своите редови, петмина се избираат во Собранието, од кои двајца предлага Претседателот на државата, а по функција членови на Советот се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.

Видете и ова: Меѓународни критики за „спас“ на правната држава

Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор, додека на претседателот на Врховниот суд и на министерот за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во Советот.

Изминатите месеци, Судскиот совет е мета на критики за неговата работа. За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп пак, во интервју за Радио Слободна Европа го оцени како нелегитимно функционирањето на Судскиот совет.