Зеленски: Идеален исход би бил покана за членство во НАТО

Украинскиот претседател Володомир Зеленски во Вилнус, 12 јули 2023 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 12 јули го поздрави усвојувањето на завршната декларација на лидерите на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија. Сепак, тој оцени дека би било „идеално“ доколку Украина добие покана за членство во Северноатлантскиот договор.

Зеленски учествува на вториот ден од Самитот што се одржува во главниот град на Литванија, каде еден ден претходно лидерите усвоија декларација во која порачаа дека ќе испратат покана до Украина за прием „кога ќе се исполнат условите“.

Украинскиот лидер истакна дека ја разбира неподготвеноста на некои да зборуваат за прием на Киев во најголемата светска организација бидејќи, според него, „никој не е подготвен да има светска војна“.

Тој призна дека е свесен оти Украина не може да биде членка на Aлијансата се додека во таа земја има војна, но нагласи дека сигналите во оваа насока се многу важни.

Видете и ова: НАТО ја разочара Украина без утврдена рамка за пристапување

Безбедносни гаранции за Украина

Меѓудругото, се очекува во среда на 12 јули во Вилнус седумте најразвиени земји од светот на Г7 (Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и Соединетите Држави) да објават нови безбедносни гаранции за Украина.

За генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, овие гаранции вклучуваат аранжмани за безбедноста на Украина, за да не се повтори историјата.

„Затоа, го поздравувам фактот што многу сојузници денеска ќе се обврзат да обезбедат долгорочна безбедносна помош за Украина. Ова ќе помогне да се спречи каква било идна руска агресија по завршувањето на оваа војна и ја надополнува поддршката што ја дава НАТО“, рече Столтенберг.

Формиран Совет НАТО-Украина

Во Вилнус се одржа и инаугуративната седница на Советот НАТО-Украина на ниво на сите лидери на земјите-членки и Украина.

Генералниот секретар на НАТО оцени дека ова е ново поглавје во односите меѓу Алијансата и Украина.

„Денес се среќаваме како еднакви. Со нетрпение го очекувам денот кога ќе се сретнеме како сојузници“, порача Столтенберг.