Министерството за здравство ќе го истражува случајот со родилката која се обиде да се самоубие

Илустрација

После комисијата од државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и комисија од Министерството за здравство ќе врши увид во Клиниката за Гинекологија и акушерство (ГАК) каде родилка се обиде да си го одземе животот откако се породи.

Од Министерството за здравство известуваат дека на барање на министерот Фатмир Меџити формирана е комисија за стручен надзор во врска со случајот со родилката Б.М од Скопје, информираат од МЗ. Таа ќе биде составена од двајца гинеколози, психијатар, клинички психолог и претставник од министерството, а ќе го истражува лекарскиот третман на родилката.

Видете и ова: Родилките „стискаат“заби наместо да бараат психолошка помош

„По добивање на извештајот од стручен надзор јавноста ќе биде информирана за констатираната состојба. Исто така, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно извештајот на ДСЗИ“ се вели во соопштението.

Родилка на возраст од 39 години на 2 јули по породувањето со здраво машко бебе се пожалила дека е вознемирена и разговарала со клиничкиот психолог, но по три дена пак ги имала истите симптоми и тогаш разговарала со дежурните лекари. Тие и дале апчиња за смирување, и одлучиле за подобра проценка на состојбата пред да си замине од Клиниката да се повика психијатар. Но, таа не го дочекала психијатарот, туку се обидела да се самоубие.

Видете и ова: Инспекторатот бара одговорност за случајот со родилката која се обиде да се самоубие

Вчера инспекторатот излезе со информација дека од извршениот надзор во ГАК констатиран е пропуст во делот на реализирање на конзилијарните прегледи побарани во два наврати за родилката, со оглед на тоа што истите не се реализирани. Поради ова им наложи на одговорните да спроведат постапка за утврдување на одговорност меѓу здравствените работници кои до крај не ја спровеле постапката за обезбедување на доктор, специјалист по психијатрија.

Од ГАК пак тврдат дека бил креиран упат за проценка и за евентуална потреба од назначување на третман за родилката од страна на специјалист психијатар и било планирано да се случи на ден 03.07 година, но таа не издржала па се обиде да си го одземе животот на 2 јули.