Премиерот Димитар Ковачевски ја поддржува мисијата на Европската Унија која ја најави евроамбасадорот Дејвид Гир, а е за оценка на работата на Судскиот совет.
„Не е првпат да има оценска мисија од страна на Европската Унија, имало во минатото. Ова е тема на која јас со евроамбасадорот Дејвид Гир имам разговарано пред една и пол година, со оглед дека нашиот судски систем е независен од Владата, е независен од било кого во светот“, рече Ковачевски.
Евроамбасадорот во интервју за Топ тема на ТВ Телма рече дека Европската унија (ЕУ) испраќа оценска мисија во Северна Македонија за работата на Судскиот совет.
Најавата доаѓа по низата скандали и превирања изминатите неколку месеци. Евроамбасадорот рече дека се надева дека ќе се реализира најбрзо што може, бидејќи, како што вели, работата на Судскиот совет мора да се поправи.
„Мислам дека турбуленции е вистинскиот збор за тоа. Го следиме тоа одблиску со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога. Тој треба да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Тое е неговата работа. Јасно е дека не го прави тоа. Неодамнешните случвања се многу загрижувачки“, рече Гир.
Случувањата во Судскиот совет во последните месеци се тема на загриженост и од меѓународни и од домашни институции.
За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.