Комитет на унгарскиот парламент го одложи гласањето за кандидатурата на Шведска за НАТО

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пред седиштето на НАТО, архивска фотографија.

Собраниска комисија во унгарскиот парламент го отфрли предлогот да се закаже гласање за ратификација на членството на Шведска во НАТО за следната недела, изјави пратеничката Агнес Вадаи од опозициската партија Демократска коалиција (ДК) на 29 јуни.

По затворената седница на комисијата, Агнес Вадаи изјави за Ројтерс дека пратениците на владејачките Фидес и Демохристијанските партии не го поддржаа ставањето на гласањето на дневен ред на пленарната седница следната недела.

Шведска се стреми кон формален пристап во НАТО на самитот на алијансата на 11 и 12 јули и иако ужива силна поддршка од другите членки, Турција и Унгарија досега ја блокираа ратификацијата.

Таа рече дека е „очигледно“ дека Фидес ќе одлучи кога да го закаже гласањето во зависност од ставот на Турција.

„(Премиерот) Виктор Орбан се движи во тандем со (турскиот претседател Реџеп Таип) Ердоган... игнорирајќи го унгарскиот суверенитет и... кршејќи го единството на НАТО“, рече таа. „Како што стојат работите денес, нема да има ратификација пред самитот на НАТО“, додаде пратеничката.

Видете и ова: НАТО ја притиска Турција да го одобри членството на Шведска во Алијансата


Одделно шведскиот премиер рече дека има намера подоцна денеска да разговара со својот унгарски колега, поради извештаите во медиумите дека унгарскиот парламент ја одложил седницата за ратификацијата на членството на Шведска во НАТО.
Премиерот на Шведска Улф Кристерсон на новинарите во Брисел им рече дека ќе размени неколку зборови со унгарскиот премиер Виктор Орбан.