Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, ги замоли жителите да се воздржат од патување низ градот додека владата спроведува операции за блокирање на влезот во руската престолнина од платеници на Вагнер.
Претходно истиот ден, Москва беше ставена под антитерористички режим кој им дава на безбедносните служби поголема моќ да ги запираат и проверуваат луѓето и транспортот.
Собјанин, исто така, рече дека понеделник ќе биде неработен ден за „минимизирање на ризиците“. Тој ја опиша ситуацијата како „тешка“. Илјадници војници од групата Вагнер се упатуваат кон Москва од Ростов на Дон во очигледен обид да ја преземат власта, јавува рускиот сервис на Радио Слободна Европа.
Градоначалникот на Москва предупреди дека ситуацијата во главниот град е „тешка“, пренесува Агенцијата Франс прес.
Видете и ова: Пригожин го прекина маршот кон Москва, тензиите се намалуваатПлатениците на Вагнер соопштија дека го зазеле рускиот град Ростов на Дон и почнале да се движат кон Москва. Нивниот лидер, Евгениј Пригожин, вели дека сакаат да ги отстранат корумпираните и неспособни команданти на руските сили кои ги обвинува за неуспехот на војната во Украина.
По повикот на бунт од страна на Пригожин, рускиот претседател Владимир Путин имаше вонредно обраќање до јавноста, во кое рече дека ова е удар во грб. Тој рече дека ќе стори „сè да ја заштити земјата“.