Ново апсење на северот на Косово поради напад на КФОР

Косово - Возило на КФОР во Звечан, 1 јуни, 2023

Косовската полиција уапси лице со иницијали Н.О., во Северна Митровица на северот на Косово, под сомнение дека учествувал во нападот на КФОР, воената мисија на НАТО на Косово.

Како што се наведува во соопштението, на апсењето му претходела интензивна истрага и дека уапсениот е познат по прекарите „Германец“ и „Рус“.

„Неговото апсење и приведување во полициска станица е извршено по прибраните докази дека учествувал во нападот на КФОР на 29 мај 2023 година. Сите понатамошни дејствија ќе бидат преземени во соработка и координација со правосудните органи“, се наведува во соопштението.

Канцеларијата за Косово во Владата на Србија го осуди апсењето, тврдејќи дека косовскиот премиер Албин Курти го „саботира“ дијалогот за нормализација на односите.

Во соопштението се наведува дека „ова апсење не е случајно темпирана утрото по дијалогот во Брисел“, и дека јасно покажува дека Курти „не сака смирување на тензиите, туку нова криза“.

Конфликтот меѓу КФОР и локалните Срби се случи на 29 мај во општина Звечан, една од четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово.

Косовските власти тврдат дека зад нападот стојат „криминални групи поддржани од Белград“.

Тензиите на северот на Косово се зголемија на 26 мај, кога косовската полиција помогна во преземањето на општинските згради со цел да се обезбеди простор за работа на новите градоначалници Албанци.

Видете и ова: Камиони од Србија го блокираат преминот со Косово


На ова остро се спротивстави месното српско население, бидејќи по бојкотот на априлските избори не ги прифаќаат резултатите.

Тие со недели протестираат пред општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток со барање новите градоначалници да не доаѓаат на работа и полицијата да се повлече.

Во тие згради функционираа и привремените општински тела кои работат во српскиот систем и кои се нелегални за Косово.

Само во Северна Митровица косовската општина е физички одвоена од српската и затоа таму досега немаше протести.

Меѓународната заедница повика на итна деескалација на ситуацијата и распишување нови избори.

Видете и ова: Неутрална зона или појас на инциденти меѓу Косово и Србија


Европската унија на 22 јуни го повтори тоа барање по средбата со премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Курти, како што вели, е подготвен да го исполни тоа барање но со владеење на правото, а Вучиќ рече дека ништо не е договорено.