Вучиќ не сака да разговара со Курти

Комбо фотографија од српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 18 јуни изјави дека нема да оди на средбата со премиерот на Косово, Албин Курти, на која го покани Брисел.

„Сметам дека е бесмислено да се разговара со човек кој не е подготвен да разговара“, изјави Вучиќ за новинарите во Белград.

Српскиот претседател прецизираше дека ќе одлучи дали, како што рече, „технички ќе се појави на тој состанок“, велејќи дека тоа ќе биде негова стратешка одлука, за која ќе ја информира јавноста.

„Но, да разговарам со Курти, не“, додаде Вучиќ.

На разговорот поканет е високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел. Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се уште не одлучил дали ќе оди во Брисел на средбата.

На 18 јуни, Вучиќ изјави дека средбата со косовскиот премиер била условена со исполнување на барањата на Србија, и тоа повлекување на градоначалниците Албанци од општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, повлекување на косовската полиција од северно Косово и ослободување на уапсените Срби.

Поканата за средба на двајцата функционери од Брисел дојде по новите тензии на северот на Косово, кои започнаа на 26 мај кога косовската полиција им помогна на новоизбраните градоначалници во три општини да пристапат до општинските објекти, и покрај протестот на локалните Срби.

Овие градоначалници беа избрани на изборите на 23 април, кои беа бојкотирани од локалните српски партии и населението. Тензиите кулминираа на 29 мај, кога локалните Срби се судрија со членовите на КФОР.

Видете и ова: Курти: Правиме се за да ги ослободиме косовските полицајци


Претседателот на Србија на 18 јуни изјави дека Србија се обидувала, како што рече, на секој начин да го зачува мирот и напредокот.

„Меѓутоа, колку и да се трудевме да бидеме сериозен партнер на западните сили, ние сме на европскиот пат, ова ви го кажувам сосема искрено, тие никогаш не не гледале на тој начин. секое барање, секогаш ќе бевме виновни, иако не бевме виновни“, додаде Вучиќ.

Претседателот на Србија додаде дека Србија ќе остане на европскиот пат додека тој е на чело на државата. Тој, сепак, оцени дека Србија во тој период нема да стане членка на европскиот блок.