Русија лансираше крстосувачки ракети кон југот на Украина

илустрација

Русија изведе смртоносни ракетни и беспилотни напади, соопшти украинската војска на 16 јуни, откако беше прогласена вонредна состојба во Миколаев и во соседниот регион Херсон кратко по полноќ.

„Украинската воздушна одбрана собори 20 беспилотни летала, од кои два во јужниот регион Миколаев“, соопшти украинската армија.

Русија лансираше пет крстосувачки ракети и бројни плотуни од ракетни фрлачи на воени и цивилни цели, се вели во соопштението.

„Меѓу цивилите има мртви и ранети, оштетени се индустриски објекти во Криви Рих, Дњепропетровск, станбени згради и административната инфраструктура во регионот Херсон“, се наведува во извештајот.

Видете и ова: Украински региони повторно цел на смртоносни ракетни напади

Во меѓувреме, Украина најави дека планира да испрати „неколку десетици“ борбени пилоти да се обучуваат за летање со американски борбени авиони Ф-16, соопшти на 16 јуни портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат, додека западните сојузници ги подготвуваат потребните програми за обука.

„Се прави сè за да почне што е можно поскоро“, изјави Ихнат за украинската национална телевизија, додавајќи дека пилотите избрани за обуката ќе имаат борбено искуство и дека не се работи за тренинг туку за преквалификација.

Украина, која ја започна долгоочекуваната контраофанзива, повторува дека и се потребни нови западни авиони за успешно да се спротивстави на руската воздушна доминација. Членките на НАТО, Холандија и Данска ги предводат напорите на меѓународната коалиција за обука на пилоти и персонал за поддршка, одржување на авиони и снабдување на Украина со Ф-16.

Холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен за Ројтерс изјави дека обуката на украинските пилоти за летање со Ф-16 може да започне уште ова лето. Таа рече дека целта ќе биде програмата за обука да биде целосно оперативна во рок од шест месеци.

Данска, каде што има симулатори за летање, е можна локација за програмата. Програмата за обука поддржана од Соединетите Држави ќе ги вклучи Белгија и Луксембург, додека Франција и Британија се понудија да помогнат.