Руските трупи го бомбардираат Херсон, продолжуваат спасувачките операции од поплавите

Локалните жители шетаат по поплавена улица за време на евакуација од поплавеното подрачје по пробивањето на браната Нова Каховка, среде рускиот напад врз Украина, во Херсон, Украина, 7 јуни 2023 година.

Продолжуваат руските бомбардирања покрај реката Днепар, дедека спасувачките тимови во Украина ги продолжуваат напорите за спасување на илјадници луѓе заробени од катастрофалните поплави предизвикани од пукањето на браната на реката во јужна Украина. Покрај бомбардирањето што го извршија руските војници, опасност претставуваат и пловечките мини.

Олександр Прокудин, гувернер на јужната област Херсон, на 8 јуни изјави дека нивото на водата е речиси шест метри.

„Утринава просечниот водостој е 5,61 метар. Околу 600 квадратни километри се под вода, од кои 32 отсто се на десниот брег (под контрола на Украина) и 68 отсто на левиот брег (под контрола на Русија) “, рече Прокудин во видео порака.

Видете и ова: По поплавата: Што знаеме за уништената украинска брана и последиците?

Тој рече дека до 6 часот наутро по локално време, речиси 2.000 луѓе биле спасени од опасните области, од кои повеќето, 1.495, од областа Корабел во градот Херсон.

Регионот Херсон зафаќа 28.461 квадратни километри.

Руските сили продолжија да го гранатираат Херсон и неговата околина од другата страна на реката Днепар и покрај катастрофалните поплави предизвикани од уништувањето на браната Нова Каховка,изјави на 8 јуни Наталија Хуменјук, водач на Заедничкиот медиумски координативен центар на јужните одбранбени сили.

„Поради континуираното зголемување на нивото на водата, непријателот беше принуден да се повлече 5-15 километри од претходните позиции, а гранатирањето сега не е толку интензивно, но областа Бериславски (источно од градот Херсон) сè уште е цел на гранатирање“, рече Хуменјук за украинската телевизија.

Хуменјук, исто така, рече дека руските сили ги попречувале комуникациите во областа топрилика за време на наводната експлозија за да ја прикријат, и дека некои од нивните војници можеби биле оставени да се удават или останале изолирани на покривите. Нејзините тврдења не можеа да бидат независно проверени.