Зошто ги потпишавте законите поврзани со Бехтел и Енка, кои беа усвоени со европско знаменце иако ЕУ тоа го критикуваше и дали имате сомневања во Договорот за изградба на коридорите кои и натаму не е јавен, а Антикорупциска треба да го испитува?
Пред пакетот закони воопшто да влезе во Парламентот предупредив на можноста во измените на Законот за работни односи да стои одредба за 60-часовна работна недела и во таков случај сигурно немаше да го потпишам указот затоа што минатата година Уставниот суд веќе ја прогласи за неуставна таа одредба во тогашните измени на истиот закон.
Значи, главната причина да го потпишам Указот беше тоа што во Законот кој беше усвоен во Парламентот не постои одредба за 60-часовна работна недела. При тоа, да појаснам дека указите што ги потпишав не се однесуваат на договорот меѓу Владата и Бехтел-Енка, ниту пак се однесуваат на составот на Надзорниот одбор кој треба да ја надгледува изградбата на автопатите околу чија што структура се појавија неколку издржани критики во јавноста.
Иако тоа не ме прашавте, сакам да одговорам и на еден друг аспект кој беше присутен во јавноста, дека со потпишување на указите, наводно сум сакал да добијам политичка поддршка од владејачката коалиција за втор претседателски мандат.
Да повторам уште еднаш за оние кои намерно или ненамерно шпекулираа: потпишаните укази се однесуваат исклучиво на содржината на петте закони кои беа усвоени во Собранието и тој чин нема апсолутно никаква врска со ниту едно друго политичко или правно прашање.
Од Вон дер Лајен и од Макрон слушаме за нови планови за помош и за проширувањето на Западен Балкан. Не е прв пат, но дали ЕУ се разбуди заради Украина и проширувањето ќе земе замав, заради геополитичкиот момент?
Не верувам во нови форми на асоцирање и членување во ЕУ. Да бидам директен и отворен. Македонските граѓани се заморени во нови и нови методи според кои треба да се приклучиме во оваа организација. Францускиот претседател Макрон пред 3 години побара нова методологија, која тврдеше дека ќе биде поефикасна и далеку покуса. Велеше како ќе напредувате кластер по кластер веднаш ќе чувствувате придобивки под членство, нема да чекате до последен момент кога ќе станете полноправна членка. За жал, до овој момент и двете држави од Западен Балкан, Србија и Црна Гора кои се во процес на преговори повеќе од деценија, не почнале практично преговори во новата методологија. Не ни се потребни нови форми на соработка во тоа поле за да станеме членка на ЕУ еден ден.
Видете и ова: Има ли надеж за забрзана интеграција со новиот пристап за проширување на ЕУ?Но дали има моментум во проширувањето заради Украина?
Има моментум, но јас ја спорам позадината на тој моментум, мотивацијата. Ако дадете статус на кандидат на Украина, на Молдавија и на Босна и Херцеговина со одредени условувања, имено заради војната во Украина, моето прашање до европските званичници е што ќе се случи кога, дај боже утре, престане војната во Украина? Ако треба да чекаме војна на континентот, вам да ви текне Западниот Балкан и дел од таканареченото источно партнерство треба по децении чекање формално да стане дел од ЕУ, се плашам дека тој тип на резонирање не бил никогаш карактеристичен за ЕУ. Тој тип на геостратешко резонирање, безбедносни закани, војни, нови хибридни закани, е специфика на НАТО. ЕУ секогаш низ историјата имала сосема поинаков профил на критериуми низ кој ги проценувала потенцијалните членки. И ако почнете да наликувате на НАТО алијансата, што правиме ако таа војна запре со примирје. Ќе го изгубиме моментумот ? Не би сакал да видам моментум за приклучување на Западен Балкан, вклучително и Македонија во Европа само затоа што има војна некаде на континентот.
Холандскиот амбасадор Коп вели дека треба да се размисли кого финансираме, невладини организации, медиуми, а вие се согласивте со тоа и зазвучи на едни минати времиња?
Не станува збор за пари од македонскиот буџет, не станува збор за пари кои се собираат од македонските даночни обрврзници. Кога би направил ваква квалификација за нашиот буџет во донс на наши невладини и медиуми би бил голем недемократ и би зазвучело на некои бивши времиња. Коментирам одлука на странска држава. Холандската влада вели се повлекуваме од голем проект со Судскиот совет бидејќи се покажа дека не работи согласно европските принципи и несакаме да ги трошиме парите на холандските даночни обврзници. Знаете дека постојат интернет портали кои последниве 32 години, ја поддржуваат руската нарација ја инвазијата во Украина, а добиваат европски и американски пари. И јас би сакам да сум во кожата на нивните политичари кои треба да објаснуваат зошто подржувате интернет портали кои се продолжена рака на Кремљ.
Видете и ова: Тешки зборови на релација Скопје - СофијаКолку Русија е вмешана во спорот со Бугарија?
Мојот впечаток е дека во позадината на тој спор станува збор за дебели историски наслаги на бугарска страна. Нивната реторика во изминативе 2-3 години не се разликува од реториката и кога сме биле дел од Југославија и пред 30 и пред 50 години. Не верувам дека и да има руско влијание дека тоа е доминантно во таа нарација, политичка и историска која бугарските влади сукцесивно ја спроведуваат кон нас.
Ги следите сигурно случувањата на Косово, како ја оценувате целата ситуација?
Како членка на НАТО ја следиме директно. И како членка на Алијансата, која има свои војници на Косово. Нашите војници не се на северот на Косово распоредени, меѓутоа имаме 65 војници таму,. Имаме намера да останеме и во догледна иднина да го зголемиме тој контингент заеднички придонесуваме во сигурноста на регионот. Ако ние придонесуваме за стабилноста на Косово, со кое сме директни соседи, придонесуваме и за нашата стабилност и безбедност. Проценките на Алијансата се дека таму состојбите одвреме навреме доаѓале и ќе доаѓаат до точка на вриење , на северот на косово, меѓутоа силите на Алијансата, кои во меѓувреме ќе бидат засилени, со дополнителна бројка на војници, се доволни да не дозволат прелевање на нестабилноста ниту во останатите делови на Косово, не само на северот, значи да останат локализирани. А уште помалку да се прелеат кај нас или во некои други делови во регионот.
Целото интервју во кое претседателот Стево Пендаровски одговара и на прашањата за состојбите во судството и уставните измени може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.