Законите за работни односи и урбанистичко планирање на пленарна седница

Архивска фотограија - Собрание на Северна Македонија.

Откако поминаа на Комисијата за европски прашања, предлог-законите за изнемни на Законот за работни односи и Законот за урбанистичко планирање се на дневен ред на денешната седница во Собранието. Овие закони се дел од пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10д. Денеска треба да биде разгледан и предлог законот за измени на Законот за градење.

Предлог-измените на Законот за работни односи се 14. точка, а измените на Законот за урбанистичко планирање 17. точка на денешната пленарна седница. Законите пристигнуваа на пленарна седница во Собранието, откако Владата одлучи да користи европско знаменце за петте закони поврзани со изградбата на автопатите од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Претставниците на Владата рекоа дека измените на петте закони се со европско знаменце бидејќи биле блокирани од опозицијата.

Видете и ова: ЕПИ - европското знаме за законите за автопатите, лош сигнал за ЕУ

Но, Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија реагираше дека европско знаменце треба да се користи само при усогласување на македонското со законодавството на ЕУ.

Со измените на Законот за работни односи треба да се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за активности од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Владата предложи пет закони поврзани со проектот да се донесат по скратена постапка, за како што велат, побрза и поевтина изградба на автопатите. Претходно опозицијата ги блокираше измените на осумте закони поврзани со проектот за автопатите.

Владата предлага со европско знаменце да се носат измени на Закон за работни односи, на Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација, и на специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Проектот ќе чини 1,3 милијарда евра. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.