Приведени петмина осомничени за тероризам во Косово

Косовските власти соопштија дека уапсиле пет лица осомничени за терористички акти. Во соопштението на косовската полиција, на 15 мај е наведено дека полициската акција била спроведена на шест локации во регионот на Пеќ, Приштина и Гњилане, при што беа уапсени петмина осомничени.

Тие се сомничат дека сториле кривични дела „поттикнување на извршување на кривично дело тероризам“ и неовластено држење, контрола или држење оружје.

Видете и ова: Вучиќ и Курти усвоија Декларација за исчезнатите, а за ЗСО има само Нацрт

Во соопштението не се наведени детали за сторените кривични дела за кои се сомничат приведените. Во акцијата, како што информираат од полицијата, запленети се докази поврзани со случајот и тоа три револвери, автоматско оружје АК-47, рекреативно оружје и електронска опрема.

Полицијата соопшти и дека уапсените и претходно биле инволвирани и во други кривични дела извршени во Пеќ и дека првично ќе бидат задржани 48 часа.