Системот на европско знаменце се користи кога ја усогласувате вашата легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање.
Според Гир, европското знаменце постои бидејќи на патот кон ЕУ, Северна Македонија, но и другите држави, треба да усвојат повеќе делови од законодавството, за што е потребно многу време во Парламентот.
„Ќе бидат потребни децении доколку се усвојат сите делови од законодавството, ако процесот се одвива во нормални услови. Затоа го имаме европското знаменце. Европското знаменце може да го користите кога ја усогласувате вашата легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ“, рече Гир.
Видете и ова: Со европско знаменце против опозициската блокада на законите за „Бехтел и Енка“Реакцијата на евроамбасадорот следува откако Владата предложи пет закони поврзани со проектот да се донесат по скратена постапка, за како што велат, побрза и поевтина изградба на автопатите. Претходно опозицијата ги блокираше измените на осумте закони поврзани со проектот за автопатите.
Владата предлага со европско знаменце да се носат измени на Закон за работни односи, на Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација, и на специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.
Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Проектот ќе чини 1,3 милијарда евра. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.