МВР тврди Ковачев не ги исполнил условите за влез, бугарското МНР реагира

Илустрација

Македонското министерство за внатрешни работи не им дозволи влез на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, претседателот на фондацијата „Бугарска Меморија“ и на други тројца бугарски државјани на македонска територија.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски вели дека таквата одлука е донесена затоа што тие не ги исполнувале условите според македонскиот закон за странци.

„Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата“,велат од МВР.

Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека е разочарано од одлуката на македонските властите да не им дозволи влез во земјата на петмината бугарски државјани.

Настанот на кој требало да присуствуваат е по повод празникот Ѓурѓовден, што традиционално со години се организирал во Ново Село, Струмица од страна на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола и Фондацијата „Бугарска меморија“ преку свеченост во Бугарската воени гробишта со панихида.

„Причините за одбивањето, поточно издадената забрана за влез во Северна Македонија, предизвикуваат конфузија. Во врска со денешниот невиден инцидент, бугарското Министерството за надворешни работи нагласува дека наведените тврдења за евроинтеграции на Северна Македонија бараат барем прекин на провокациите кон Бугарија, Бугарите и кон претставниците на европските институции“, се вели во нивното соопштение.

Видете и ова: Пендаровски - Најостро го осудува каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија

Во него се посочува дека Бугарија ќе го покрене ова прашање пред македонските властите и, како што вели,нивните меѓународни партнери.

„Бидејќи настаните од слична природа имаат негативно влијание врз добрососедските односи и напорите на бугарската страна насочени кон враќање на довербата и создавање позитивна клима за развој на билатералните односи“, стои во реакцијата на бугарското МНР.

Претходно за европратеникот и известувач во Европскиот парламент за Република Северна Македонија, Илхан Ќучук за бугарската новинска агенција изјави дека е недозволиво и неприфатливо да не се дозволи влез на европратеникот Андреј Ковачев во Република Северна Македонија.

Видете и ова: Тензично одбележан роденденот на Гоце Делчев


„Станува збор за бугарски државјанин, пратеник во Европскиот парламент, кој отишол таму со добри намери - да го почитува заедничкиот спомен. Треба да се изрази несогласување со овој став, кој треба да биде доволно силен од страна на бугарската амбасада и од страна на европратениците“, изјавил Ќучук, јавува БТА.

Европратеникот Ковачев изјавил дека го информирал македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Засега нема официјален став од македонското Министерството за надворешни работи.

Инаку, односите меѓу Македонија и Бугарија се влошени во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Блокадата се надмина минатото лето со усвојување на Францускиот предлог и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но остана условот на Бугарија за отворање на поглавјата.

Едно од барањата на Бугарија е доследно почитување на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година меѓу двете земји, како и на францускиот предлог со кој условено се отворија проговорите за влез на Македонија во Европската унија. За да продолжат македонските преговори со ЕУ, земјава ќе мора да го смени уставот и да ги внесе Бугарите во Преамбулата.