Европско знаменце на предлог закони за изградба на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ не е оправдано и нема врска со реформската агенда за ЕУ, реагираат од Делегацијата на Европската Унија во земјава, откако Владата денеска предложи со европско знаменце во Собранието да се носат измените на законите потребни за побрза и поевтина изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10 д.
Оттаму бараат одговори од власта и потсетуваат дека европското знаменце на законите не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом.
„Означувањето на законите со европско знаме има за цел да помогне да се забрза интеграцијата на Македонија во ЕУ и според тоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ. Во овој случај, предлог-законите се чини дека не се однесуваат на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања,“ се вели во реакцијата од Делегацијата на ЕУ.
Видете и ова: Со европско знаменце против опозициската блокада на законите за „Бехтел и Енка“За изградба на автопатиштата Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, пратеници претходно побараа измени на осум закони, но бидејќи тие се блокирани од страна на опозицијата, решивме да предложиме измена на пет закони, но со европско знаменце, изјави на 5 мај првиот вицепремиер и координатор за следење на работите за проектот за автопатиштата, Артан Груби.
Владата предлага со европско знаменце да се носат измени на Закон за работни односи, на Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација, и на специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.
Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Проектот ќе чини 1,3 милијарда евра. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.