Обвинителството за организиран криминал и корупција го доби договорот со „Бехтел и Енка“

Фотографија од потпишувањето на договорот за изградба на коридорите 8 и 10 со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“

Обвинителството за организиран криминал и корупција го доби договорот со „Бехтел и Енка“ по еден месец и една недела по отворањето предмет за автопатиштата. Од таму посочуваат дека договорот го добиле вчера.

„Договорот и содржината на севкупната електронска документација од Електронскиот систем за јавни набавки, поврзана со сите постапки за јавните набавки, каде што како предмет на договор се јавуваат коридорите 8 и 10 д, во наредниот период ќе бидат анализирани во насока на утврдување елементи на евентуално сторено кривично дело. Со оглед дека станува збор за обемна документација, на јавниот обвинител и тимот на истражители ќе им биде потребно време за анализа и проверка на сите индиции и наводи што со месеци се во интерес на јавноста. За секое постапување што нема да ја попречи постапката и ќе може да се сподели со јавноста, Обвинителството навреме ќе информира“, велат од таму.

Видете и ова: Со европско знаменце против опозициската блокада на законите за „Бехтел и Енка“

Претходно, ЈП „Државни патишта“ до Обвинителството ги достави броевите на огласите од јавните набавки поврзани со коридорите 8 и 10 д за кои јавниот обвинител обезбеди пристап до електронската база на податоци на Бирото за јавни набавки.

Во меѓувреме, Владата предлага со европско знаменце во Собранието да се носат измените на законите потребни за побрза и поевтина изградба на автопатите од коридорите 8 и 10. На денешната седница таа донесе нови пет предог-закони за коридорите 8 и 10д кои ќе бидат доставени до Собранието со европско знаме. Како што соопшти првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, целта на новите законски решенија е побрза и поевтина изградба на коридорите.

Инаку проектот за изградба на коридорите ќе чини 1,3 милијарда евра. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.