Дванаесет лица загинаа во руски ракетни напади во Украина

Илустрација

Најмалку 12 лица загинаа во руски ракетни напади врз градови низ Украина, вклучувајќи го и главниот град Киев, пишува Би-Би-Си. Една жена и нејзината тригодишна ќерка се убиени во градот Днипро, соопштија локалните власти.

Десет лица, меѓу кои и едно дете, загинаа во градот Уман откако проектили погодија станбени згради, соопштија официјални лица. Експлозии имаше и во градовите Кременчук и Полтава.

Најголем дел од борбите сега се водат на исток за контрола на индустрискиот регион Донбас, особено на градот Бахмут, кој е речиси целосно уништен.

Проектилите „повторно убиле цивили во градот Днипро“, рече градоначалникот Борис Филатов на Телеграм во петокот, додавајќи: „Загинаа една млада жена и едно тригодишно дете“.

Видете и ова: Русија го напаѓа Миколаев со ракети земја-воздух


Според локалните власти, во Киев се активирани и системи за противвоздушна одбрана.

„По пауза од 51 ден, непријателот изврши нов ракетен напад врз Киев“, изјави шефот на локалните сили за воздушна одбрана Сергеј Попко, соопшти градската управа.

„Според прелиминарните податоци, во воздушниот простор на Киев се уништени 11 крстаречки ракети. Покрај проектилите, соборени се и два дрона“.

Нема информации за жртви или оштетувања на згради.

Системот за воздушна одбрана на Украина е зајакнат во последните месеци со испорака на западна опрема која е клучна за одбраната на земјата.

Во меѓувреме, тешките борби продолжија со несмалено темпо на линијата на фронтот Бахмут-Адвијивка-Маринка во регионот Доњецк во источна Украина, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина во својот дневен билтен на 28 април. Бахмут и Маринка остануваат во епицентарот на жестоките битки, се вели во соопштението.