Потпишан акт за визна либерализација за Косово

Во средата во Стразбур беше потпишан правниот акт на Европската унија (ЕУ) за либерализација на визите за Косово, по што останува само одлуката за безвизниот режим за косовските граѓани да биде објавена во Службен весник по што стапува на сила на 1 јануари 2024 година.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и шведската министерка Џесика Розвалт, го потпишаа правниот акт на 19 април, со кој Косово се додаде на листата на земји за кои не е потребна влезна виза за патниците во земјите од Западна Европа.

Станува збор за меѓуинституционална процедура откако на 18 април во Европскиот парламент беше усвоена одлуката за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово.

Видете и ова: Косово конечно доби визна либерализација

Вицепремиерот на Косово Бесник Бислими на прес-конференција рече дека од јануари нема да има повеќе „илјада изгубени можности“ за граѓаните на Косово. Тој додаде дека властите ќе започнат кампања за подигање на свеста за ограничувањата кои доаѓаат со визната либерализација.

Според одлуката, која беше усогласена во декември минатата година, до укинувањето на визниот режим за Косово ќе дојде паралелно со функционирањето на Информативниот систем ЕТИАС, но не подоцна од 1 јануари 2024 година.

Една деценија по останатите земји од западниот Балкан, Европскиот парламент денеска донесе одлука за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово.

Србија, Црна Гора и Македонија немаат визен режим од декември 2009 година, а Албанија и Босна и Херцеговина се префрлија на таканаречената бела Шенген листа во декември 2010 година.

Граѓаните на Косово ќе може слободно да патуваат во земјите од Шенген зоната од почетокот на наредната година.