Достапни линкови

Косово конечно доби визна либерализација


 Од 1 јануари 2024 година, чекањето во редови за визи, како овој снимен во Приштина во 2019 година, ќе бидат минато
Од 1 јануари 2024 година, чекањето во редови за визи, како овој снимен во Приштина во 2019 година, ќе бидат минато

Една деценија по останатите земји од западниот Балкан, Европскиот парламент денеска донесе одлука за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово. Граѓаните на Косово ќе може слободно да патуваат во земјите од Шенген зоната од почетокот на наредната година.

Европскиот парламент (ЕП) денеска ја усвои одлуката за визна либерализација за Косово, со што се завршени сите релевантни процедури за одлучување.

Во согласност со усогласениот текст на одлуката, косовските граѓани ќе може слободно да патуваат во државите на Шенген зоната од 1 јануари 2024 година.

По гласањето во ЕУ, утре ќе биде одржана церемонија на потпишување на правниот акт, каде што ќе учествуваат претставници на Европскиот парламент и Советот на министри на Европската унија (ЕУ) – двете институции кои го одобруваат укинувањето на визниот режим за една земја.

Со објавувањето во Службениот весник на ЕУ, кое следува за 20-тина дена, одлуката за визната либерализација стапува на сила.

Сепак, косовските граѓани ќе треба да го почекаат почетокот на наредната година за да почнат да патуваат без визи во ЕУ.

Забрането за ЕУ државјани во ресторан во Приштина!
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:44 0:00

Патување без визи од 1 јануари 2024

Првиот ден од наредната година е моментот кога државјаните на Косово ќе може слободно да патуваат во Шенген зоната. Според одлуката, која беше усогласена во декември минатата година, до укинувањето на визниот режим за Косово ќе дојде паралелно со функционирањето на Информативниот систем ЕТИАС, но не подоцна од 1 јануари 2024 година.

Кога беше усогласена одлуката, се сметаше дека системот ЕТИАС ќе почне да функционира во ноември 2023 година. Сепак, сега е извесно дека функционалноста на ЕТИАС се одложува за подоцна наредната година.

Во согласност со одлуката за Косово, граѓаните на земјата имаат краен рок, односно 1 јануари наредната година, кога најдоцна би можеле да патуваат без визи.

Визите во светло на агресијата врз Украина

Европската комисија уште во 2018 година препорача укинување на визниот режим со Косово, но политичката одлука беше заложник на внатрешните проблеми во одредени земји членки.

По неколку години застој, прашањето за визите повторно оживеа во светло на руската агресија врз Украина. ЕУ презеде неколку позитивни чекори кон регионот во обид да го намали руското влијание и последиците од војната во Украина.

Така, ЕУ одлучи да ги отвори пристапните преговори со Македонија и Албанија и да ѝ додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина.

Во овој контекст, заживувањето на процедурата за визна либерализација за Косово беше логичен чекор.

Рамноправно со останатите во регионот

Со укинувањето на визниот режим, Косово им се придружува на другите земји во регионот, чии граѓани повеќе од една деценија уживаат во слободата на движење.

Србија, Црна Гора и Македонија немаат визен режим од декември 2009 година, а Албанија и Босна и Херцеговина се префрлија на таканаречената бела Шенген листа во декември 2010 година.

Процесот на либерализација со Косово траеше најдолго во споредба со другите земји од Западен Балкан.

Во јуни 2012 година, земјата доби патоказ за укинување на визите.

Во средината на процесот, во 2016 година, Европската комисија додаде уште еден услов поврзан со ратификацијата на границата со соседна Црна Гора.

Во 2018 година, Европската комисија заклучи дека Косово ги исполнува сите услови и побара од земјите-членки на ЕУ да ја одобрат визната либерализација.

Земјите-членки на ова одговорија дури на крајот на 2022 година, кога почнаа процедурите за донесување на конечната одлука.

За визна либерализација одлучуваат две европски институции: Европскиот парламент и Советот на министри на ЕУ.

Министрите на земјите членки на ЕУ во март гласаа за визна либерализација.

Со гласањето во Европскиот парламент и потпишувањето на правниот акт се заокружуваат сите релевантни процедури за укинување на визниот режим.

XS
SM
MD
LG