Достапни линкови

Тензиите растат - Белград бара враќање на српските војници на Косово, Приштина влез во ЕУ


Војска на Србија (архивска фотографија)
Војска на Србија (архивска фотографија)

Србија официјално побара нејзините безбедносни сили да се вратат на Косово, и покрај предупредувањата од Западот дека таквиот потег веројатно нема да биде прифатен и само ги зголемува тензиите на Балканот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави за државната телевизија РТС дека владата побарала од командантот на мировните сили предводени од НАТО стационирани на Косово од 1999 година, кога Алијансата ги истисна српските трупи од Косово, да дозволи враќање на до 1.000 српски војници и полицајци на северот од земјата, населен со Срби.

Косово - повици за мир и осуди за инцидентите и барикадите

Вучиќ, наведувајќи дека и покрај фактот што е „речиси сигурно дека тоа нема да биде одобрено“, барањето ќе биде ставено на записник. „Тоа е почитување на меѓународното јавно право и ништо повеќе од тоа. Исто така е важно за заштита на населението и контрола на премините, бидејќи тоа би ги намалило тензиите“, изјави Вучиќ.

„Важно е барањето да биде формално, бидејќи еден ден кога ќе се промени ситуацијата, нема да можат да кажат „не сте побарале“, рече претседателот Вучиќ.

Претседателката на Косово Вјоса Османи која вчера изјави дека Косово било под „постојана закана на Србија“, во врска со барањетои на Белград изјави: „Србија и нејзиниот лидер Вучиќ многу добро знаат дека присуството на српската војска на територијата на Косово заврши еднаш засекогаш на 12 јуни 1999 година“.

Српските власти тврдат дека резолуцијата на Обединетите нации со која формално стави крај на војната во Косово им дозволува на српските трупи да се вратат во Косово.

Во резолуцијата се наведува дека на Србија може да и се дозволи, доколку биде одобрено од КФОР, да стационира свој персонал на граничните премини, православните христијански религиозни места и областите со српско мнозинство.

Во 2008 година, Косово прогласи независност од Србија со поддршка од Западот. Неговата независност ја признаа 110 земји, но не и Србија, Русија и пет земји-членки на Европската унија.

Курти- Изјавите на Вучиќ се закана и воена агресија

НАТО ја бомбардираше Србија за да ја запре војната, да стави крај на нејзиното крваво задушување против етничките албански сепаратисти и цивили и да им нареди на своите трупи да излезат од Косово.

Српските власти тврдат дека мировните мисии предводени од НАТО и Европската Унија не се во состојба да ги заштитат Србите во Косово од малтретирање од страна на мнозинството косовски Албанци и дека нивните безбедносни сили не можат да ја завршат работата.

Враќањето на српските војници веројатно нема да биде одобрено, бидејќи тоа де факто би значело предавање на безбедноста на северните региони на Косово населени со етнички Срби на српските сили - потег што драматично ќе ги зголеми тензиите на Балканот.

Германските и американските власти остро отфрлија каква било идеја за враќање на српските безбедносни сили во регионот.

Тензиите меѓу Србија и Косово повторно се разгореа во текот на изминатата недела откако Србите подигнаа барикади на главните патишта во северниот дел на покраината во знак на протест против апсењето на поранешен полицаец од косовски Срби. Од барикадите се слушаа истрели.

Србија ја подигна борбената готовност на своите војници на границата со Косово и предупреди дека нема да стои настрана доколку Србите во Косово, кои сочинуваат помалку од 10 отсто од населението на Косово, бидат нападнати.

Државноста на Косово е прифатена од САД и голем дел од Западот. Србија и нејзините сојузници Русија и Кина го отфрлија и го блокираа Косово да се приклучи кон ОН и другите меѓународни институции.

Брнабиќ: Србија може да изгуби многу поради кризата на Косово

Постојат стравувања дека Русија би можела да ја турне Србија на уште една воена интервенција во Косово за да се обиде да префрли барем дел од светското внимание од нејзината инвазија во Украина. Под водство на Вучиќ, Србија постојано се оддалечува од својата прокламирана цел за членство во ЕУ и кон близок политички и воен сојуз со Москва.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова во четвртокот рече дека „рускиот амбасадор во Србија, кој е во близок контакт со српското раководство, добил инструкции од центарот (Москва) да преземе конкретни чекори за поддршка (на Србија), кои вклучуваат нормализирање или предлагање начини за нормализирање на ситуацијата“ во Косово.

Вучиќ од друга страна изјави дека верува оти Америка повеќе ќе сака да ја слуша Србија отколку Европската унија, бидејќи, како што наведе, „тие разбираат колку е сериозна ситуацијата“.

„Можеби Америка ја разбира фундаменталната ситуација подобро од некои други, тоа е мојата мала надеж“, рече Вучиќ, наведувајќи дека Србија „нема обврска кон Русија да не и воведува санкции, туку морална и оти ќе издржи додека може и додека не бидат загрозени српските витални интереси.

Во меѓувреме, косовскиот премиер во четвртокот официјално ја поднесе апликацијата на неговата земја за да добие кандидатски статус за членство во Европската унија, што е прв чекор во она што се чини дека е многу долг пат до евентуалното членство.

Премиерот Албин Курти ја поднесе апликацијата до чешкиот министер за европски прашања Микулас Бек, чија земја во моментов претседава со ЕУ. И Србија има за цел да и се приклучи на ЕУ, но за да го заврши процесот на членство мора да ги реши прашањата со Косово.

Европскиот парламент и Советот на ЕУ постигнаа договор за визна либерализација за Косово

Косовскиот политички аналитичар Шкељзен Малиќи во врска со тензиите на Косово наведува дека и косовскиот премиер Албин Курти и Вучиќ се однесуваат „се поневротично“.

„Претседателот на Србија и покрај неговата реторичка поддршка за консензуално решение за Косово, ја покажува својата неподготвеност мирно да работи на нормализација на односите со Косово, исто како да се плаши од решение. Од друга страна, премиерот на Косово е тврдоглаво опседнато со преземање симболични акции за докажување на Косово како суверена држава, нетрпеливо да го чека големиот договор, поради што ЕУ и САД побараа од него уште малку време за преговори“, вели Малиќи.

Според него, дијалогот нема алтернатива. „Но, документите за договорот ги подготвуваат странски дипломати и посредници. Приштина и Белград можат да додадат нешто, но на крајот ќе потпишат се и ќе се ракуваат. Не мора да се извинуваат и да се сакаат“, рече Малиќи.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG