Трамп им се предаде на властите во судот во Менхетен

Доналд Трамп пристигна пред судот во Њујорк

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп им се предаде на властите во судот во Менхетен, во Њујорк, каде што треба да се изјасни за обвинението против него за тајно плаќање пари на порно актерка за време на претседателската кампања во 2016 година за да молчи за нивната наводна афера.

Трамп го опиша искуството како „надреално“ на социјалната мрежа „Трут сошл“ додека патуваше од Кулата Трамп до судницата во Менхетен. Тој е прв поранешен претседател во историјата на Соединетите држави кој е кривично гонет. Пред судот пристигна со колона од 8 возила.

Видете и ова: Правните проблеми на Доналд Трамп

Денешното рочиште се очекува да биде кратко и процедурално, но е прво излегување на Трамп пред суд по долгогодишните истраги за неговите лични, деловни и политички зделки.

Трамп ги поздрави насобраните пред Судот, пред да влезе внатре за да му бидат земени отпечатоци од прсти, да биде фотографиран и процесиран.
Откако ќе го слушне обвинението против него, Трамп, според неговите адвокати, ќе се изјасни како невин.

Полицијата во Њујорк соопшти дека е подготвена за големи протести од поддржувачите на Трамп. Протестите засега се мирни.

Трамп и неговите поддржувачи сметаат дека обвинението, но и другите истраги против него, се политички мотивирани за да го ослабнат неговиот обид да се врати во Белата куќа во 2024 година.

По денешното рочиште, Трамп планира да замине на неговиот имот Мар-а-Лаго во Флорида, од каде што ќе има обраќање. Се очекува тој да биде пуштен да се брани од слобода, со оглед на тоа што обвиненијата против него не се за притвор, објави новинската агенција Асошиејтед прес.

Истрагата против него детално ги проверува шестцифрените исплати за порно актерката Сторми Даниелс и плејбој моделот Карен Мекдугал. Двете велат дека имале сексуално односи со женетиот Трамп пред да влезе во политиката. Тој негира сексуални врски со двете жени и негира какви било погрешни постапки со плаќањата.