Олимпискиот комитет препорача враќање на руските и белоруските спортисти, но под неутрално знаме

Претседателот на комитетот, Томас Бах,

Раководството на Меѓународниот олимписки комитет препорача враќање на руските и белоруските спортисти на натпреварите како поединци, под неутрално знаме кое нема врска со вооружените сили.

Претседателот на комитетот, Томас Бах, рече дека комитетот им препорачува на меѓународните федерации и организаторите на меѓународни спортски натпревари дека „спортистите со руски или белоруски пасош мора да се натпреваруваат само како индивидуални неутрални спортисти“.

Сепак, говорејќи по првиот ден од состанокот на Извршниот одбор на комитетот во Швајцарија, Бах истакна дека комитетот дополнително ќе одлучи дали Русите и Белорусите ќе можат да учествуваат на Летните олимписки игри 2024 година во Париз и на Зимските олимписки игри во Италија „во соодветно време и без да биде врзан за резултатите од претходните квалификации“.

Исклучени ќе бидат „спортистите кои активно ја поддржуваат војната“, како и оние кои се „под договор со руската или белоруската војска или агенциите за национална безбедност“.

Видете и ова: Британија повикува на забрана за руски и белоруски спортисти на Олимпијадата


Бах истакна дека санкциите против „одговорните за војната, руските и белоруските власти“, мора да останат во сила – што значи дека овие земји не можат да организираат меѓународни спортски натпревари на нивна територија.

Дополнително, „никакви знамиња, химни, бои или какви било други средства за идентификација на овие земји не смеат да бидат истакнати на кој било спортски настан, а тоа се однесува на целата локација“.

Се додава дека „ниту еден руски или белоруски државен функционер не може да биде поканет или акредитиран на кој било меѓународен спортски натпревар“.

Видете и ова: Литванскиот парламент бара забрана за руски и белоруски спортисти

Тој исто така рече дека целото олимписко движење стои зад напорите „да им се помогне на украинските спортисти што е можно повеќе, за да можат да испратат силен тим“ на претстојните Олимписки игри.

Спортистите од Русија и Белорусија беа исклучени од меѓународни спортски натпревари по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Сепак, олимпискиот самит на 9 декември ја остави отворена вратата за нивно учество на натпреварите и покрај војната.

Украина тогаш се закани дека ќе ги бојкотира игрите, додека министрите за спорт на повеќе од 30 земји се противат на враќањето на спортистите од овие две земји на натпреварите.

Претседателот на комитетот во своето обраќање беше категоричен во отфрлањето на можноста за политичко влијание во автономијата на спортските организации при одлучувањето кој ќе учествува на натпреварите што ги организираат.