Апелација му ја укина затворската казна на Мијалков, а му ја зголеми на Груевски

Никола Груевски и Сашо Мијалков

Осудениот поранешен директор Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков доби условна казна затвор за предметот „Плацевите на Водно, откако Апелациониот суд денеска соопшти дека му ја уважиле жалбата на пресудата со која беше осуден на 1 година и 3 месеци затвор. За разлика од него на поранешниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски Апелација го осуди на две години повеќе од предвиденото во пресудата односно на вкупно 9 години затвор за истиот предмет.

Во предметот Плацеви на Водно Мијалков беше осуден за нелегално купување на имот на Водно. Во тој случај со првостепената пресуда, Груевски, кој е избеган во Унгарија, доби 7 години затвор. Груевски покрај нелегалното купување на плацеви на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации.

Видете и ова: Ако се извиниме, Мијалков ќе ни прости што нè прислушувал

Во соопштението на Апелација е наведено дека Судот ги одбил жалбите на Груевски, додека на Мијалков и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција делумно ги уважува. Во алтернативната казна на Мијалков- условна осуда е пресметано и времето кое тој го помина во притвор.

„Се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 4 - четири години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, е наведено во соопштението од Апелација.

Во образложението за условната осуда, од Апелација велат дека Мијалков не презел реални постапки во кривичното дело, туку само вербални.

„Советот оцени дека првостепниот суд го повредил член 24 од Кривичниот законик, во кој е наведено дека помагачот се казнува исто или поблаго од сторителот на делото. Имајќи го во предвид член 24 од Кривичниот законик и во сооднос и корелација на казните на Н.Г. од С. (кој е во бегство),, Ј.К: - една година затвор, Н.Ј. алтернативна мерка условна осуда, Р.Н. Алтернативна мерка – условна осуда директни сторители со конкретни дејствија и постапки,“ е наведено во соопштението.

Видете и ова: Од 94 обвинети од СЈО, зад решетки се Мијалков, Јанкулоска и Талески


Апелација смета дека во делот на пресудата за Груевски, Кривичниот суд не ги ценел доволно отежнатите околности и поради тоа ја уважил жалбата на Обвинителството со што му се зголемува казната од 7 на 9 години затвор.
Кога станува збор за конфискуваниот недвижен имот од осудените, Апелација ја потврди пресудата, со што имотот од 3 милиони евра ќе се префрли во сопственост на државата.

Кривичниот суд за предметот „Плацеви на Водно“ на една година и три месеци затвор го осуди Мијалков, прв братучед на Груевски и поранешен прв човек на УБК. Тој беше обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”. А на иста таква казна беше осуден и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев за перење пари, кој во ноември минатата година излезе од затвор откако Кривичниот суд му ги спои двете казни за предметите „Плацеви на Водно“ и „ Империја“.

На условни казни затвор беа осудени Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ, казна која според пресудата може да премине во затворска доколку се огрешат пред законот во следните пет години.

Видете и ова: Година во која му тргна на Мијалков

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Останатите беа обвинети дека му помагале при купувањето на плацевите.