Достапни линкови

Ако се извиниме, Мијалков ќе ни прости што нè прислушувал


Сашо Мијалков со полициска придружба пред Кривичниот суд во Скопје, пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“ во 2021 година
Сашо Мијалков со полициска придружба пред Кривичниот суд во Скопје, пред изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“ во 2021 година

Како што тргнале работите, ќе треба да му се извинуваме на Мијалков што нè прислушувал, коментираат граѓаните на социјалните мрежи, откако Апелациониот суд Скопје пред неколку дена ја укина првостепената пресуда од 8 години затвор во случајот Трезор за набавката на опремата за прислушување.

Скопска апелација ја укина првостепената осумгодишна затворска казна за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков во случајот „Трезор“ за набавка на опремата за прислушување и го врати предметот на повторно постапување и одлучување во скопскиот Кривичен суд.

Апелациониот суд Скопје констатираше дека првостепениот суд во овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка, со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.

Пресудата на Апелација, по неколкумесечно одолговлекување, предизвика бурни реакции во јавноста.

Граѓаните на социјалните мрежи иронично потсетуваат на култниот југословенски филм „Балкански шпион“ на Душан Ковачевиќ од 1984 година. Параноичниот поранешен сталинист Илија Чворовиќ се сомнева дека неговиот потстанар, кројачот Петар Јаковљевиќ, повратник од Париз, е „империјалистички шпион“. Илија и неговиот брат Ѓуро го киднапираат потстанарот и го тераат да признае дека е шпион.

Дел од граѓаните прашуваат дали ако се извиниме, Мијалков ќе ни прости што нè прислушувал.

Пресудата на Апелација за едни е доказ дека правдата не може да ги стигне богатите и моќни, за што впрочем и беше формирано поранешното Специјално јавно обвинителство. Дел од граѓаните коментираат дека со вакви пресуди и довербата во судството од 8 проценти е превисока.

Други, пак посочуваат дека предметот бил полн со фалинки од самиот почеток и оти обвинителството не успеало да докаже вина. Без разлика на ставот на јавноста, судот треба да ги цени доказите, а не да спроведува револуционерна правда.

Освен Мијалков, во случајот Трезор, за спорната набавка за опрема за прислшување, беа осудени и бегалецот Горан Грујевски, кој беше поранешен началник на Петтата управа во МВР и на поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, како и на поранешниот помошник министер во МВР, Небојша Стајковиќ. Грујевски беше осуден на 15 години затвор, а Јакимовски и Стајковиќ на по 5 години затвор.

Првостепените пресудите беа донесени во април 2021 година, а жалбата со месеци заглави во скопска Апелација - судиите биле на стари одмори, па на нови одмори, па судијата – известител не го давал на изјаснување...

Министерот за правда Никола Тупанчески се согласува дека се работи за недозволиво долг процес.

„Најголем проблем и тука е македонскиот синдром – селективноста во решавање на проблемите. Ова навистина е недозволив период за донесување на една правосилна судска пресуда“, рече министерот.

Мијалков, прв братучед на поранешниот премиер Никола Груевски, беше директор на Управата за безбедност и контраразузнавање од 2006 до 2015 година. Тој е првостепено осуден на 12 години затвор за нелегалното масовно прислушување на илјадници граѓани во периодот 2008 – 2015 година на 12 години затвор. Жалбениот процес за овој случај е во тек.

Мијалков е првостепено осуден на една година затвор и во случајот „Плацеви на Водно“ за нелегално купување на имот на Водно. Во тој случај, Груевски, кој е избеган во Унгарија, доби 7 години затвор. Жалбената постапка е во тек.

Единствена правосилна пресуда за Мијалков е три години затвор за случајот Империја за противправно стекнување и прикривање имот. Тој ја призна вината, се спогоди со обвинителството да плати околу 30 милиони евра и да добие три години затвор. Мијалков во меѓувреме ја сменил адресата на живеење од Скопје во Охрид за казната да ја издржува во Струшкиот затвор, кој е од отворен тип.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG