Матуранти денеска протестираа пред Министерството за образование со барање да се скрати испитниот материјал на полагањето на државната матура или да се намали бројот на интерни испити. Протестот го организираше Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите , а им се придружија и студенти од движењето „Студентски отпор“.
„Поминавме низ онлајн-настава, дојави за бомби, штрајкови на професори коишто ги поддржавме, низ штрајкови на ЈСП кои го отежнаа доаѓањето на учениците во училиште. Сите овие фактори дефинитивно ќе влијаат на полагањето на државната матура. Ние сме најоштетена генерација и не сме имале една цела непрекината учебна година. Кажано ни е дека има скратен материјал, но ние немаме увид“, изјави Анисија Угриновска од ОДАС која информираше дека ќе бидат примени во МОН за да ги изнесат барањата.
Видете и ова: Онлајн настава заради дојавите за бомби - решение или уште поголем проблем?Со оглед на тоа што полагањето на матурата почнува на 27 мај, скратувањето на испитниот материјал им е главно барање, а намалување на бројот на интерни испити алтернативен предлог.
Денешната реакција на Средношколскиот сојуз дека не е во интерес на матурантите да се намали бројот на интерни испити, Угриновска ја оцени како задоцнета.
Од друга страна пак, од Сојузот сметаат дека барањето да се укине еден интерен испит е спротивно на интересите на матурантите.
„Интерните испити се полесни од екстерните, а нивното укинување ќе им ја намали можноста на нашите матуранти да се запишат на универзитетски студии. Анализата на Сојузот покажува дека укинувањето на еден интерен испит ќе им наштети на нашите ученици кои аплицираат за студии во странство бидејќи нема да имаат доволен опсег на предмети“, велат од Сојузот.
Видете и ова: Многу политика на скромното студентско мениНа протестот пред МОН беа и студенти од движењето „Студентски отпор“ а да го изразат нивниот револт дека по протестот во ноември не е остварено ништо од тоа што им било ветено на студентите од Министерството за образование и наука и Владата. Тие пак бараат зголемување на субвенцијата за оброк од 160 денари на ден наместо сегашните 120.