„Студентите никој не може да ги тргне од мене. Никој нема да биде оставен сам“. Ова е пораката од вчерашното видео на премиерот Димитар Ковачевски во кое тој оди на ручек во студентскиот дом „Гоце Делчев“, покажува колку се добри условите во него и јаде гравче, со салата и риба. Иако порциите на студентите, изгледаат малку поинаку од премиерската.
Но во исто време, додека се снима видеото, во Собранието е почната расправата за новиот буџет во кој само за изградба и реконструкција на студентски домови има 215 илјади евра помалку од лани. За студентски стандард пак, се предвидени 16,4 милиони евра, или за 4 милиони евра помалку од пандемиската 2020 година, или скоро 3 милиони евра помалку од лани.
Силниот револт кај студентите за кратења преку нивниот грб, како при обидот со законски измени да се скрати можноста сите студенти да земаат студентски оброк, кулминираше со протест пред Собранието и начелен договор низ работни групи да се решаваат проблемите.
Па така владејачката СДСМ преку амандмани за измена на буџетот се обиде да ја смири топката. Како клучен го издвојуваат амандманот вреден околу 9 милиони евра за обезбедување на редовна исплата на студентски оброк и за израмнување на студентските стипендии, согласно законот. Опозициската ВМРО ДПМНЕ отиде чекор подалеку, па од 200 предложени амандмани вредни скоро 800 милиони евра, десетина ги посвети на студентите. Бараат раст на сумата за студентски оброк од 120 на 160 денари и подобрување на условите во студентските домови.
Сепак според пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Бојан Стојановски, инаку претседател на Собраниската комисија за буџет, малку е очекувано дека нивните амандмани ќе бидат прифатени од власта.
„Не нема да ги прифатат. Ќе разговараат во насока дека се грижат за студентите и дека им е помогнато, но тоа знаеме дека не е така и за жал нема да ги прифатат“, вели Стојановски кој дополнува дека ваков каков што е, во буџетот се кратат над 6 милиони евра за студенти.
Затоа и ја нарекува „лицемерна“ посетата на премиерот на студентскиот дом.
„Затоа што не можете вие да скратувате од студентскиот стандард над 200 милиони денари, да ги кратите средствата за реконструкција и изградба на студентски домови и енергетска ефикасност, а после да кажувате дека се грижите за студентите“, вели пратеникот.
Во однос на тоа дали ќе гласаат за амандманите на опозицијата посветени на студентите, пратеничката од СДСМ Санела Шкриељ, вели дека утре започнува амандманската расправа, па „ќе треба да видиме“ како ќе тече таа. Потсетува дека и од нејзината партија поднеле амандмани за студентите, по средбата со нив во Собранието каде „студентите со право“ побарале повеќе средства за студентскиот стандард.
„Ќе инсистираме да бидат усвоени. Дел од амандманите како што можев да видам дека се исти(со опозицијата). Верувам дека на крај како Комисија за финансирање и буџет заеднички ќе се договориме “, вели Шкриељ.
Студентите на средбата во Собранието од пред неколку недели, на која учествуваше и самиот премиер, се договорија низ работни групи со учество на студентски претставници да се креираат идните студентски политики.
Приоритет останува студентскиот оброк за кој, и покрај барањата за повеќе пари поради инфлацијата, тоа засега нема да се случи, но барем падна договор, „каков таков“ да им биде исплатен и годинава на сите студенти.
За Петар Барлаковски, од Младинскиот образовен форум, сите овие случувања покажуваат дека во услови на криза, први по кои се удира се студентите, како една од најранливите групи.
„Секако дека очекувавме дека политичките партии ќе го искористат овој момент, затоа што очигледно јавноста е вжештена, и дека ќе се обидат да го искористат тоа и свртат на своја страна. Меѓутоа она што очекуваме од нив е заеднички да изнајдат решенија за подобрување на студентскиот стандард“, вели Барлаковски.
Од МОФ веќе реагираа и на сега веќе повлечените измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, но и општо, на моменталната ситуација во која се наоѓаат студентите.
И Барлаковски вчера го видел ручекот на премиерот во „Гоце Делчев“.
„Би советувал премиерот да оди и во „Стив Наумов“, каде условите не се такви. И вистински да види каква е ситуацијата таму“, дополнува тој.
Иако видеото беше објавено во недела, ручекот на премиерот во „Гоце“ бил во петокот, барем според сведочењата на студентите со кои контактираше РСЕ. Тие велат дека како никогаш дотогаш била исчистена мензата, готвачките ставиле капи врз косите, а за првпат имало и хартија во кујната.
Практично, во моментов, „Гоце Делчев“ е единствениот реновиран државен студентски дом кој работи во Скопје.