Инфлацијата во еврозоната падна помалку од очекуваното

илустрација

Годишната стапка на инфлација во еврозоната падна на 8,5 отсто во февруари, објави денеска Агенцијата за статистика на Европската унија, но падот е помал од очекуваниот во време кога цените на храната растат.

Годишната инфлација е забавена откако достигна врв од 10,6 отсто во октомври минатата година, но сепак е далеку над целта на Европската централна банка (ЕЦБ) од 2 отсто.

Континуираното намалување на стапката на трошоците за енергија влијаеше на намалување на потрошувачките цени, но во февруари растот на трошоците за храна и пијалаци го надмина растот на трошоците за енергија.

Видете и ова: Економијата блеска само кога си на власт

Цените на храната и пијалоците се зголемија за 15 отсто минатиот месец во споредба со 14, 1 отсто во јануари, објави Евростат.

Зголемувањето на трошоците за енергија падна на 13, 7 отсто, наспроти 18,9 отсто во јануари. Меѓу 20-те земји кои го користат еврото, најниска стапка на инфлација има Луксембург, која во февруари достигна 4, 8 отсто, објави Евростат.

Следува Белгија со потрошувачки цени кои минатиот месец се зголемија за 5,5 отсто.

Шефот на Европската централна банка Кристин Лагард минатиот месец изјави дека институцијата планира да ги зголеми каматните стапки за половина процентен поен на следниот состанок во март. Според податоците на Евростат објавени во четвртокот, стапката на невработеност во еврозоната остана стабилна во јануари на 6, 7 отсто.