Шефот на Вагнер бара муниција

РУСИЈА – Основачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, на погребот на неговиот платеник, затвореникот Дмитриј Меншиков, кој загина во војната во Украина, 24 декември 2022 година

Основачот на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин,ги повика Русите да извршат притисок врз војската за неговите борци да добијат повеќе муниција.

„Ако секој Русин едноставно рече „дајте му муниција на Вагнер“, како што веќе се случува на социјалните мрежи, тогаш тоа веќе би било релевантно“, рече тој во аудио објава на Телеграм на 22 февруари.

Повикот доаѓа еден ден откако Пригожин ги обвини највисоките воени функционери дека извршиле „предавство“ со тоа што не доставиле доволно муниција на неговите приватни трупи, кои беа главната сила во битката за заземање на источниот украински град Бахмут. Тој вели дека на неговите војници редовно им недостига муниција што им е потребна додека се борат против украинските вооружени сили во регионот на Доњецк.

Видете и ова: Мрежата на руски Вагнер на Балканот

Руското Министерство за одбрана ги отфрли тврдењата на Пригожин, велејќи дека сите доброволни бригади во источна Украина „навремено“ биле снабдени со сите видови муниција.

Пригожин изјавата на Министерството за одбрана ја нарече „плукање во очи на Вагнер и обид да се прикријат нејзините злосторства врз борците кои спроведуваат храбри акции“. Тој додаде дека во градот Бахмут, каде што со месеци се водат најинтензивните борби, нема други доброволни групи, освен војниците на Вагнер.

Вагнер е платеничка војска основана во 2014 година од рускиот државјанин Евгениј Пригожин, кој е близок до Кремљ. Таа година Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим. Вагнер се соочува со можни обвиненија за воени злосторства во Украина, Сирија и одредени африкански земји.

Единицата е под санкции на Европската унија (ЕУ) од декември 2021 година поради кршење на човековите права во вооружени конфликти ширум светот. Вагнер е на црната листа на САД од јуни 2017 година поради неговата вмешаност во конфликтите во источна Украина.