Бројот на руски кибернапади во земјите на НАТО се зголемил за 300 отсто во 2022 година споредено со 2020 година, а во Украина за 250 проценти, се наведува во новиот извештај на Гугл (Google).
Во него стои дека зачестеноста на нападите, што се совпадна со инвазијата на Москва на прозападна Украина на 24 февруари 2022 година, е знак дека сајбер војната ќе стане сè поприсутна во идните конфликти.
Притоа се појаснува дека напаѓачите поддржани од руската влада ги засилиле сајбер операциите почнувајќи од 2021 година, во периодот пред инвазијата.
Нејзините автори забележале „подеструктивни сајбер напади во Украина во текот на првите четири месеци од 2022 година, споредено со претходните осум години, при што нападите достигнаа врв околу почетокот на инвазијата“.
Извештајот наведува дека сајбер офанзивата, вклучително и против корисниците низ НАТО земјите, се движела од киднапирање веб-страници до собирање разузнавачки информации и кампањи за да го поколебаат јавното мислење, вклучително и во корист на руската платеничка група Вагнер.
„Јасно е дека сајберот сега ќе игра интегрална улога во идните вооружени конфликти, дополнувајќи ги традиционалните форми на војување“, велат од Гугл.
Оттаму забележуваат и дека во сајбер нападите учествуваат мноштво нови актери.
„Војната предизвика напаѓачите поддржани од кинеската влада да го пренасочат својот фокус кон украинските и западноевропските цели за да соберат информации за конфликтот“, се дополнува во извештајот.
Македонија стана дел од НАТО во 2020 година.