Полициска единица опремена за разбивање демонстрации спречи вечерва насобрани на протестот во Белград против прифаќањето на француско-германскиот план за Косово да се приближат до влезот во зградата на Претседателството. Пред главниот влез на Претседателството има голем број луѓе кои им извикуваат „одете на Косово“ на присутните полицајци и фрлаат со јајца кон зградата.
Собирот го организира десничарската организација „Народна патрола“, која јавно зборува за своите врски со руските паравоени сили од формацијата „Вагнер“. Некои учесници на протестот, како што јави известувачот на Радио Слободна Европа (РСЕ), кој го следи настанот, носат симболи „вагнер“ и буквата „З“, што е еден од симболите на руската инвазија на Украина.
Голем број полицајци во опрема за разбивање демонстрации има и пред градското собрание на Белград.
Видете и ова: Мрежата на руски Вагнер на БалканотПред толпата се обрати лидерот на „Народна патрола“, Дамњан Кнежевиќ и рече дека никој од владејачката Српска напредна партија „не може да се нарекува себеси Србин“.
Толпата извикува „Србија, Русија“ и „Предавство“. Организаторите на протестот ги повикаа властите во Белград да се повлечат од преговорите со Косово и претседателот на Србија Александар Вучиќ да не учествува во дијалогот.
Со протестот што го организираат на Денот на српската државност, кој се одбележува секој 15 февруари, тие го изразуваат своето несогласување со политиката на државата кон Косово.
Десничарските организации и движења во Србија се против европскиот план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Предлогот на Европската унија е попознат како француско-германски план и беше поддржан од Соединетите Американски Држави.