Издадена деветта еврообврзница од 600 милиони евра за отплата на стари долгови

илустрација

Северна Македонија денеска ја издаде деветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра, која ќе се искористи исклучиво за финансирање на обврските по основ на стари долгови, кои доспеваат за отплата годинава, информира Министерството за финансии.

По основ на главница и камата, за сервисирање на стари долгови кон надворешни кредитори, годинава треба да исплатиме 594 милиони евра за главница како и 138 милиона евра за камати. Од нив, најголемиот дел отпаѓа на седумгодишната еврообврзница издадена во 2016 година и за која само во оваа година треба да се исплати износ од 450 милиони евра, со камата од дополнителни 25 милиони евра.

„Поради доспеаните обврски, деветтата еврообврзница е издадена и покрај затегнатите услови на меѓународните пазари на капитал, за што сведочи и повеќекратното зголемување на референтните каматни стапки од големите централни банки“, посочуваат од Министерството за финансии.

Видете и ова: Оданочување или задолжување

Каматната стапка од 6,25 проценти на годишно ниво, која денеска е постигната, укажуваат од МФ е пониска од пазарните каматни стапки на веќе издадените еврообврзници, со кои во моментов се тргува на меѓународните берзи.

„Пристапот е, во услови на скапи финансиски пазари, да не се изврши задолжување за целиот одобрен износ до 800 милиони евра, туку само за износот за враќање на старите долгови. Рокот на новата еврообврзница е само четири години, при што интенцијата е да се оди со пократок период на отплата (наместо, вообичаениот од седум години), за да се намали годишниот буџетски трошок за каматни плаќања“, информира ресорното министерство.