Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) попладнево соопшти дека пациентите ќе можат да се лекуваат непречено и покрај техничките проблеми и сајбер нападот со кој се соочува институцијата, од којшто се нефункционални дел од ИТ системите.
„И покрај детектираните технички проблеми и нефункционалности на дел од електронскиот систем, пациентите ќе можат и понатаму непречено да се лекуваат на сите клиники како и преку матичните лекари кои можат да вршат прегледи, да издаваат упати и рецепти кои се подигнуваат во аптеките без застој,“ соопшти ФЗО.
Видете и ова: Вајсмeн: Северна Македонија секогаш беше цел на хибридни напади од РусијаОттаму додаваат дека Фондот се справува со сајбер напад кој ја предизвикува нефункционалноста на дел од ИТ системите и дека експертски тим работи на справување со предизвиците и нивно отстранување во најбрз можен рок.
„Приоритет се дава на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на боледувањата, породилното и рефундациите, а ФЗО веќе има издадени упатства кон подрачните служби за решенија со кои граѓаните тековно ќе ги остваруваат своите права. Во интерес на прецизно информирање на граѓаните, во најбрз можен рок, и штом се утврдат повеќе информации, јавноста ќе биде навремено известена“, наведуваат од ФЗО.
Од вчера е хакиран системот на Фондот за здравствено осигурување. По вчерашните провeрки, утврдено е дека се работи за неовластен влез во компјутерскиот систем на ФЗО. Инаку во серверите на ФЗО се личните податоци на сите здравствено осигурени лица во Македонија.