Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел оцени дека Русија води агресивна војна на два фронта: на бојното поле и на информативниот простор и „се обидува да ги освои срцата и умовите на луѓето“.
„Битката против манипулациите со информациите и странското мешање е битка на нашето време. Тоа е битка која мора да ја добиеме“, рече Борел на конференцијата во Брисел.
Во своето излагање Борел оцени дека Русија со години инвестира во дезинформации и манипулации со информации и тоа многу повеќе отколку што прави ЕУ во борбата против дезинформациите.
Тој предупреди на „нов бран“ на дезинформации на фабрикувани слики, видеа и веб-страници кои се претставуваат како медиуми кои се шират, според Борел, „пет пати побрзо од светлината преку социјалните медиуми и сервиси за размена на пораки“.
Видете и ова: Вајсмeн: Северна Македонија секогаш беше цел на хибридни напади од РусијаОценувајќи ги дезинформациите како оружје на Кремљ, шефот на европската дипломатија нагласи дека Москва на тој начин се обидува да ја контролира ситуацијата дома, но во исто време да ги дестабилизира другите.
„Русија изгради мрежи и инфраструктура за да измами, лаже и дестабилизира. Сакам да ги користам овие силни глаголи: измами, лаже и дестабилизира на индустриски начин. Да ја поткопа довербата во институциите“, подвлече во својот говор Борел.
Тој оцени дека тоа е голема закана за либералните демократии, кои се базираат на информации. Во рамки на конференцијата беше презентиран и извештај за закани од манипулации со странски информации и мешање.