Двајца македонски ученици повредени во земјотресот во Турција, не се во животна опасност

Урнати куќи од земјотресот во турскиот град Дијарбакир

Двајца македонски ученици се повредени во силниот земјотрес во Турција, но не се во животна опасност, информира Министерството за надворешни работи.

„Едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање - додека вториот ученик е со полесни повреди“, информира МНР.

Видете и ова: Силен земјотрес ги погоди Турција и Сирија, неколку илјади загинати


Осум македонски ученици и нивниот ментор/наставник престојувале во Турција преку програмата „Еразмус плус“. Македонските претставништва стапиле во контакт со деветтемина македонски државјани кои се во загрозениот регион. МНР досега нема информации за други македонски државјани на кои им е потребна помош.

„По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции“, информира МНР.

Во земјотресите што ги погодија Турција и Сирија во изминатите 12 часа досега загинаа над 1500 луѓе, а над 5300 се повредени. Се очекува бројката да расте.

Првиот земјотрес беше со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала, а вториот 7,7 степени. Во меѓувреме имало стотина помали потреси.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Стотици загинати и неколку стотици повредени во земјотрес во Турција