Достапни линкови

Силен земјотрес ги погоди Турција и Сирија, неколку илјади загинати


Во денешните два земјотреса што во рок од 12 часа ги погодија Турција и Сирија загинаа повеќе од 2.000 луѓе. Се очекува зголемување на бројот на жртви, а во тек се спасувачки операции.

Според досегашните официјални податоци, во Турција загинале 1.014 луѓе, а 5.383 лица се повредени, додека се урнале 2.818 згради.

Сириското Министерство за здравство соопшти дека загинале повеќе од 783 лица, а 1.042 се повредени. Дополнително на тие бројки, спасувачката служба „Бели шлемови“ во северозападна Сирија, во областите што не се контролирани од Владата, соопшти дека бројот на загинати е 221, со што вкупната бројка на жртви е 2.018.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со гувернерите на осум погодени провинции за да собере информации за ситуацијата и спасувачките напори, се вели во соопштението на неговиот кабинет.

Сириските државни медиуми објавија дека има илјадници повредени, повеќето во провинциите Хама, Алепо и Латакија, каде што биле урнати бројни згради.

„Ситуацијата е многу трагична, десетици згради се урнаа во градот Салќин“, рече член на спасувачката организација Бели шлемови во видео клип на Твитер, мислејќи на град на околу 5 километри од турската граница.


Турските власти собраа спасувачки тимови и доставуваа авиони во регионот околу градот Кахраманмарас, додека прогласија „аларм на ниво 4“ што бара меѓународна помош.

„Никогаш не сум почувствувал такво нешто во 40-те години што ги живеам“, рече Ердем, жител на турскиот град Газиантеп, во близина на епицентарот на земјотресот, кој одби да го каже своето презиме.

„Бевме потресени најмалку три пати многу силно, како бебе во креветче. Сè уште беше премногу темно за да се види природата на штетата, додаде тој.

Стотици загинати и неколку стотици повредени во земјотрес во Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

„Сите седат во своите автомобили или се обидуваат да возат на отворени простори подалеку од зградите“, рече тој, зборувајќи по телефон, наведувајќи: „ниту еден човек во Газиантеп сега не е во своите домови“.

Првиот земјотрес се случил рано утрово во близина на Кахраманмарас и поголемиот град Газиантеп, блиску до сириската граница, а бил со интензитет од 7,8 степени според Рихтеровата скала, што е еден од најсилните земјотреси во регионот во најмалку еден век. Земјотресот беше почувствуван дури до Кипар и Каиро.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ) соопшти дека прелиминарните податоци покажуваат дека вториот земјотрес бил со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала на 67 километри североисточно од Кахраманмараш, Турција, на длабочина од два километри.

Сеизмолозите регистрираа повеќе од 100 помали последователни потреси.

Првиот потрес траел околу една минута и ги искршил прозорците, според сведок на Ројтерс во Дијарбакир, 350 километри на исток, каде што официјален претставник за безбедност рече дека најмалку 17 згради се урнале.

Радиодифузерите ТРТ и Хабертурк прикажаа снимки од луѓе кои ги расчистуваат остатоците од зградите, носат носилки и бараат преживеани во Кахраманмарас.

„Нашата примарна работа е да ја извршиме работата за пребарување и спасување и да го направиме тоа сите наши тимови се во состојба на готовност“, изјави министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу за новинарите.

Сириските државни медиуми јавија дека голем број згради се урнале во провинцијата Алепо, додека извор од државната служба на Хама изјавил дека таму се урнале неколку згради.

„Сликите паднаа од ѕидовите во куќата“, рече Самер, жител на главниот град Дамаск. Се разбудив преплашен. Сега сите сме облечени и стоиме на вратата“.

Луѓето во Дамаск и во либанските градови Бејрут и Триполи истрчаа на улица и тргнаа кон своите автомобили за да побегнат од нивните згради во случај да се урнат, рекоа очевидци.

Потреси во текот на ноќта беа почувствувани и во Анкара, 460 километри северозападно од епицентарот, и на Кипар, каде што полицијата соопшти дека нема штета.

Областа редовно ја погодуваат силни земјотреси.

„Земјотресот се случи во регион од кој се плашевме. Има сериозни штети“, изјави Керем Киник, началникот на турската агенција за помош на Црвената полумесечина, за Хабертурк, упатувајќи апел за дарување крв.

Американскиот претседател Бајден им нареди на УСАИД и другите федерални владини партнери да ги проценат опциите за одговор на најпогодените области во земјотресот во Турција и Сирија, рече во неделата советникот за национална безбедност Џејк Саливан. „Соединетите држави се длабоко загрижени од извештаите за деструктивниот земјотрес“, рече тој.

Турција е меѓу земјите со најмногу земјотреси во светот. Повеќе од 17.000 луѓе загинаа во 1999 година кога земјотрес со јачина од 7,6 степени го погоди Измит, град југоисточно од Истанбул. Во 2011 година, во земјотресот во источниот град Ван загинаа повеќе од 500 луѓе.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG