Македонскиот претседател Стево Пендаровски најостро го осудува вандалскиот чин на каменување на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров “ во Благоевград. Тој во својот пост на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, како и откривање на сторителите и казна за овој чин.
„Истовремено, изразувам жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Република Бугарија предводени од пратеници во нивниот Парламент. Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции“ напиша Пендаровски.
Во неговата реакција е наведено дека на полицајците им честита за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали .
Тој додава дека изјавата на поранешниот бугарски амбасадор во Скопје, а сегашен пратеник во Европскиот Парламент, Александар Јорданов, која содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, се потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот Парламент.
„Во овој случај сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи. За жал, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие“, вели Пендаровски.
Јорданов денеска на својот официјален фејсбук профил пишува, за како што вели, „скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија, Гоце Делчев“. Тој во својот пост користи навреди и погрдни зборови за македонскиот народ.
Видете и ова: Македонското МНР со демант до бугарското, не договоривме заедничко чествување на Гоце ДелчевЗа ваквите негаторски испади, очекуваме навремена и соодветна реакција на официјална Софија, додава тој.
Видете и ова: Тензично одбележан роденденот на Гоце ДелчевВаквите коментари следуваат по вчерашното чествување на 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Македонска и бугарска делегација му оддадоа почест на 151 годишница од раѓањето на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје, но не заедно, туку во посебни термини. Чествувањето беше беше проследено со големо полициско обезбедување, со затворени улици околу местото на настанот и падот на системот на граничниот премин Деве Баир поради што поголем број бугарски граѓани не можеа, или се откажаа од патот кон Скопје.