Македонското МНР со демант до бугарското, не договоривме заедничко чествување на Гоце Делчев

Македонското министерство за надворешни работи ги демантира наводите дека со Бугарија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев. Во соопштението е наведено дека до овој момент Заедничката комисија за историско – образовни прашања, основана според Договорот за добрососедство нема изготвено препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.

Овој коментар следува по вчерашното соопштение од бугарското МНР во кое се потенцира дека одбивањето на понудата македонска и бугарска делегација заедно да положат венец значи отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Бугарија со цел зајакнување на добрососедството.

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека ќе испратат писмо до Европскиот парлемент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на бугарскиот европратеник, Александар Јорданов на социјалните мрежи.

Јорданов кој е поранешен бугарски амбасадор во Скопје, денеска на својот официјален фејсбук профил пишува за како што вели, „скандалозното однесување на македонската гранична полиција на границата меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и уште поодвратното однесување на македонската политичка елита и македонските граѓани во Скопје во врска со прославата на годишнината од раѓањето на националниот херој од Бугарија, Гоце Делчев“. Тој во својот пост користи навреди и погрдни зборови за македонскиот народ.

Видете и ова: Бугарското МНР- Однесувањето на македонските власти е понижувачко и неприфатливо за бугарскиот народ

Македонското МНР вели дека на бугарска делегација предводена од техничкиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев ѝ беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

„ И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија. Согласно со утврдените протоколи за работа, и стандардите на ЕУ за безбедно управување со границите, дел од овие лица кои го нарушија јавниот ред и мир од поголем обем, беа приведени и изведени пред надлежен суд кој изрече соодветни мерки, се посочува во соопштението од МНР.

Видете и ова: Тензично одбележан роденденот на Гоце Делчев

Од македонското министерство велат дека со со жалење констатираат дека во пресрет и по одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Северна Македонија, радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани.

Македонското МНР бара од своите бугарски колеги да преземат мерки за за деескалација на тензиите преку јавна осуда, како и да мерки против сите дејствија кои не придонесуваат за водење на конструктивен и добронамерен дијалог базиран на меѓусебно уважување и почитување.