Колку е “кул да не си од Скопје“?

Студенти на УКИМ, Скопје

Првата седмица во Скопје е најтешка за студентите од внатрешноста кои се запознаваат со јавниот скопски превоз и големината на градот. Во неодамна организирана дискусија дел од студентите забележаа и дека има дискриминација од колегите, иако не е директна.

Валандовчанката Драгана Занова вели дека како студентка од внатрешноста, била добро прифатена од колегите скопјани кога се запишала на Медицинскиот факултет во Скопје. За неа, потешко од навикнување на новото друштво било навикнувањето на новите услови за живот.

Драгана Занова, студентка

„Потешки ни се условите за живот, бидејќи треба да живееме во студентски домови или во станови. На почетокот ми беше многу тешко, бидејќи јас од Валандово бев сама запишана од нашата генерација на општа медицина и никого не познавав. Ми требаше неколку дена да се вклопам со моите колеги, но за среќа тие беа многу добри и ме прифатија“, изјави Занова.

Вели дека досега не почувствувала дискриминација на основа на местото на раѓање и не и пречи ако некој ја нарече провинцијалка бидејќи е горда на нејзиното родно Валандово.

Ресенчанката Ана Младеновска, пак, иако не почувствувала директна дискриминација од колегите од Скопје, сведочи дека дискриминирачки ситуации сепак постојат меѓу студентите на скопските факултети.

Ана Младеновска, студентка

„Таа дискриминација ја прават некои староседелци од Скопје. Често се случувало на пример да се истакнувани децата кои учеле во средните школи во Скопје, како Корчагин, Јосип Броз и слично. А некој што доаѓа од Ресен, Куманово, Кавадарци, да не е толку истакнуван според школувањето или тоа од каде доаѓа. Онака: 'Еј, од каде доаѓаш? - Од Корчагин!'“, вели студентката и демонстраторка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Некогаш се шегуваат со колегите велејќи:"Ej, вие од Ресен...“, на што се враќа со „Еј, вие од Скопје...“, без директно да се покаже лош став, но забележува дека индиректното избегнување се случува и не се гледаат исто луѓето од Скопје и оние од внатрешноста.

„На пример, ако е друштво со повеќе колеги од Скопје запишани на ист факултет, често знаат да не ги прифатат децата од внатрешноста или пак некој што е по поповлечен во нивното друштво. Поинакво е поставувањето на тие луѓе. Можеби директно не кажале некому, но го избегнуваат и слично“, додаде Младеновска.

„Провинцијалец не е човек дојден во главниот град за да земе работно место на некој скопјанец“

Според македонскиот речник, “провинцијалец е тој што живее во провинција, во внатрешноста на една земја“.

Ниту Ана не ја навредува ваквата терминологија.

„Не ме навредува терминот провинцијалка, бидејќи тоа е збор кој е веќе истакнат во литературата и не треба да се сфати како навредлив бидејќи тоа значи дека не си од градот каде моментално престојуваш. И треба само да се разбере на тој начин, а не да се мисли дека провинцијалец е некој дојден, како што велат тука скопјаните, да им ги земе работните места на скопјаните и слично“, вели демонстраторката на ФИНКИ.

Младеновска беше дел од онлајн дискусијата „Кул е да не си од Скопје“, која се одржа неодамна. И таму, учесниците од внатрешноста истакнале дека не ги навредува терминот - провинцијалец.

На оваа сесија организирана од Комисијата за маргинализирани категори при Универзитетското собрание на УКИМ, се барало одговор на прашањето - дали студентите кои не се од Скопје се соочиле со дискриминција за време на нивните студии?

Александра Јовевска, претседателката на Комисијата за маргинализирани категории

„Од психички аспект, заклучено е дека луѓето од внатрешноста се понижени поради местото на живеење дијалектот и слично. Ова е некоја нова маргина која сѐ уште не е во учебниците, јасно е дека не е наведено некаде, но дефинитивно треба да се искорени додека не е навлезена во учебниците“, вели Александра Јовевска, претседателка на Комисијата за маргинализирани категории при УКИМ и студентска правобранителка на ФИНКИ.

Заклучиле дека е потребна едукација од најрана возраст за психолошки да се влијае на децата кои утре ќе станат возрасни луѓе. Но, бидејќи не може да се влијае на начинот на индвидуално воспитување од родителите, треба да се потенцира дека за оваа засегната група мора да се зборува гласно и често, бидејќи е премногу заостаната причина за маргинализирање, порачува правобранителката.

Градот е голем, а првата седмица најтешка

Александра вели дека првата седмица во Скопје е најтешка за студентите од внатрешноста кои се запознаваат со јавниот скопски превоз, со големината на градот и менуваат автобуси.

„Всушност не ни размислуваат дека Скопје е голем град и затоа нема толку голема доверба како што тоа е во малите градови. Па многу од студентите, баш во таа прва седмица го имаат изгубено паричникот, односно јасно им е дека некој им го украл во автобус на пример, или во целата таа хаотична ситуација на менување на автобуси“, истакна студентката.

Младите не треба да имаат предрасуди, апелира правобранителката на ФИНКИ.

„Премногу е заостанато да се делиме по градот во кој сме се родиле. Можеби истото ни се случува и на нас скопјаните во Охрид. Нели, има зборови кои ги користат охриѓаните за нас и на некој начин ние во тој или некој друг град имаме чувство на провинцијалци. Сметам дека таквите поделби би требало дефинитивно да застанат бидејќи ние сме млади луѓе и не би требало така да продолжи да се развива соработката и колегијалноста помеѓу сите“, вели Јовевска.

Видете и ова: Се распаѓа новата спортска сала на УКИМ

Таа смета дека општествено гледано потребни се повеќе универзитети надвор од Скопје кои ќе ги нудат разновидните услуги и студентски програми еквивалентни на скопските. А според неа тука помага и идејата за студентски градови, како познат концепт во западните држави, со кој студентите имаат многу повеќе опции. Така, вели, оние од Скопје можат да искусат студирање надвор од родниот крај без да имаат потреба да одат во странските држави за да го доживеат тоа.