„Убедени сме дека нема основа за тврдењата дека Руската Федерација е заинтересирана за конфликти во регионот на Западен Балкан, вклучително и меѓу Северна Македонија и Бугарија, реагира Руската амбасада во Скопје, на интервјуто на министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи за за Радио Слободна Европа на 29 јануари.
Османи во интервјуто рече дека „Руската Федерација е еден од факторите на кои од интерес им е да се одржат живи конфликтите во овој регион, со цел полесно да може да се манифестира влијание“.
Од амбасадата на Русија наведуваат дека не само што нема основа за таквите тврдења, нема ни докази, како што било случај и повеќе пати досега.
„Напротив, придонесот на нашата земја во решавањето на конфликтите на Балканот во изминатите многу децении, вклучувајќи во Босна и Херцеговина и во српската автономна покраина Косово и Метохија, не може да се прецени. Секогаш постапуваме во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Заинтересирани сме за просперитет и мирен соживот на сите земји од регионот без исклучок, со чии народи имаме вековни пријателски врски“, се вели во реакцијата од Амбасадата на Русија.
Видете и ова: Османи - На Русија и одговара да ги држи живи конфликтите на БалканотОттаму велат дека никаков темел немаат ниту обвинувањата што се шират во низа медиуми за наводно „мешање“ на Русија во внатрешните работи на Северна Македонија и нејзините односи со другите земји.
Претходно на 23 јануари, по седницата на Советот за национална безбедност претседателот на Македонија, Стево Пендаровски оцени дека структурите во Бугарија кои водат антидржавна кампања против С. Македонија се поврзани со руската разузнавачка служба.