Шаќири – Идната година учебниците нема да доцнат

Привремен учебник за 2 одделение

Повеќе од 90 отсто од учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение се доставени до учениците, изјави на 1 февруари министерот за образование, Јетон Шаќири. Тоа се одделенијата во кои децата учат според нови наставни програми.
На почетокот на учебната 2022/2023, поради доцнење на учебниците, учениците добија привремени материјали за учење, за што беа одвоени на 640 илјади евра.

Одговарајќи на новинарски прашања по потпишување меморандум за соработка со ОБСЕ, Шаќири рече дека првооделенците сега ги имаат сите учебници, освен за предметот Општество. Во второ одделение немаат Математика и Македонски јазик. Четвртодделенците ги добиле сите учебници, а тие во петто немаат учебници по Македонски јазик. За овој предмет, појасни министерот, на двата огласи од Националната комисија за учебници и Педагошката служба не бил пријавен ниту еден автор и е формирана група на автори.

Видете и ова: Потрошени над 640 илјади евра за привремени, додека се чекаат новите учебници


Идната година со нови наставни програми ќе бидат опфатени трето и шесто одделение, а Шаќири уверува дека сите учебници ќе бидат доставени на 1 септември односно ќе бидат запазени роковите.