Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук вели дека има надворешни фактори кои не сакаат Бугарија и Северна Македонија да бидат во добри односи.
„Тоа се оние луѓе кои не сакаат Северна Македонија да биде дел од Европската унија. Тоа се оние луѓе кои не сакаат нашата држава да има влијание бидејќи ставањето вето значи дека Бугарија нема пријатели на Балканот, во ЕУ“, изјави Ќучук за првата бугарска приватна телевизија „БТВ“.
Последната ескалација меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт, вели и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи во интервју за Радио Слободна Европа.
Ќучук е категоричен дека мора да инсистираат во Северна Македонија да има владеење на правото и високи демократски стандарди.
„Се додека не се признаваат правата на луѓето кои се сметаат за Бугари, тензијата ќе продолжи“, вели Ќучук.
Тој вели дека треба да се поттикнат сите обид за намалување на тензиите, како од бугарската држава, тука и во Скопје, за да се најде решение за проблемот.
Посочува дека Бугарија е во Европската Унија веќе 17 години, а, како што вели, не може да се приклучи на блокот за важни теми, вклучително и за обезбедувањето на воена помош за Украина и за клучните реформи во ЕУ.
Видете и ова: Османи - На Русија и одговара да ги држи живи конфликтите на БалканотОдносите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година. Но во последните недели односите повторно се затегнати откако беше претепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид и по изјавите на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски дека „Македонија е бугарска“.
Потоа Софија го повлече на неодредено време амбасадор од Скопје и се закани со можно ново вето на македонските евроинтеграции.
Предизвик за бугарско-македонските односи сега е и чествувањето на револуционерот Гоце Делев, на денот на неговото раѓање 4 февруари. За активностите за одбележување на датумот в понеделник во Скопје ќе разговараат властите на двете земји.