Ќучук: Враќањето на ветото би било огромна грешка

Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук и македонскиот премиер Димитар Ковачевски

„Враќањето на ветото за Скопје би било огромна грешка и ќе ги влоши билатералните односи“, вели бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук. „Ветото на ниту еден начин не влијаеше позитивно на добрососедските односи. Сосема спротивно. Почнаа провокации, повеќе или помалку, токму од ставањето на ветото“, изјави Ќучук за БНР. Според него, тоа што му се случи на Христијан Пендиков е за осуда и тоа го кажале и европските институции. Тој ја оценува тензијата меѓу двете земји како висока која се шири во многу правци и смета дека билатерално ќе има многу бурна непродуктивна година. Ќучук го нагласи и механизмот за следење и „мерење“ на говорот на омраза, посочувајќи дека министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, формира „голем тим, во кој ќе има и претставници на бугарската заедница“.

Видете и ова: Македонско-бугарските односи во нова тензична фаза

На прашањето како Брисел ќе реагира доколку Скопје ги спречи бугарските европратеници, политичари и јавни личности да присуствуваат на настани поврзани со Гоце Делчев на почетокот на февруари, Илхан Ќучук вели дека „нема шанси европските институции да поддржат такво однесување од страна на македонските власти“, додавајќи дека „ниту Брисел, ниту Стразбур може да го прифатат тоа како нормален пристап“. Изјавата на Ќучук следи по најавата на бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков по средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ во понеделникот дека не е исклучена можноста од ново вето од Бугарија за земјава, додавајќи оти се надева дека тоа сепак нема да се случи.

Видете и ова: Чествувањето на Делчев настан од висок ризик кој службите нема немо да го набљудуваат

Во врска со ова прашање се огласи и европратеникот Ангел Џамбаски, кој по предлогот на претседателот Стево Пендаровски за прогласување на персона нон-грата еден пратеник во Европскиот парламент и уште неколку лица кои работат на нарушување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, во објава на Фејсбук побара „враќање на ветото“ за земјава.