Годинава ќе има учебници за средно гимназиско образование, а на почетокот на второ полугодие ќе стигнат и тие по математика и општество за второоделенците, најави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Тој дополни дека скоро сите учебници за средно стручно образование ќе ги има и во електронска форма, а ќе се обезбедат нови учебници за странски јазици, за основно и средно образование.
Видете и ова: Потрошени над 640 илјади евра за привремени, додека се чекаат новите учебници
Најавите доаѓаат откако 4 генерации, од прво, второ, четврто и петто одделение годината ја почнаа со материјали за учење место учебници, а дел од учебниците за нив стигнаа на самиот крај на полугодието.
Според Шаќири, проблемот ќе се надминува со носење на новиот Закон за учебници.
„Министерството за образование и наука со оглед на предизвиците со учебниците што се појавија, утврди дека има потреба од нов подобар Закон за учебници, со кои ќе се минимизираат можностите за грешки, доцнење и слични проблеми и убеден сум дека следниот септември дел од проблемите што се појавија ќе бидат минато и нема да се повторат“, рече Шаќири.
Учениците на почетокот на школската година добиваат учебници, кои треба да ги чуваат и предадат на следната генерација. Рок на употреба на учебниците е 5 години, ама поради задоцнети тендерски процедури и лошо планирање, честопати учебниците се користат подолго, поради што се стари и искинати или воопшто ги нема.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Проблемот годинава беше нагласен кај 4-те одделенија, бидејќи во нив е воведена нова наставна концепција која бараше не само печатење, туку и креирање на целосно нови учебници. Освен за второоделнците, учебници по одредени предмети се уште нема и во другите одделенија.
Зимскиот распуст заврши, а од утре почнува второто полугодие во учебната 2022/2023 година.