Шефот на руската приватна воена група Вагнер во саботата објави кратка порака до Белата куќа во кое прашува за какво дело е обвинета неговата компанија, пренесува Ројтерс.
Соопштението доаѓа откако Вашингтон најави нови санкции против групата, а портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека ќе ја прогласи Вагнер за значајна транснационална криминална организација во наредните денови.
Во писмото на англиски јазик упатено до Кирби и објавено на Телеграм каналот на прес-службата на основачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, пишува: „Почитуван г-дине Кирби, може ли да разјасните какво злосторство извршила ПМЦ Вагнер?“
Кирби ја нарече Вагнер групата „криминална организација која врши широко распространети злосторства и кршење на човековите права“.
Белата куќа минатиот месец соопшти дека Вагнер ги презел пратките на оружје од Северна Кореја за да помогне во зајакнувањето на руските сили во Украина.
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја го нарече извештајот неоснован, а Пригожин потоа негираше дека ја добил испораката и го нарече извештајот „озборувања и шпекулации“.
Во обид да го ограничат пристапот до оружје, Вашингтон во 2017 година воведе ограничувања во трговијата со Вагнер, а Европската унија воведе санкции против групата во декември 2021 година.
Вагнер е платеничка армија основана во 2014 година од Пригожин, кој е близок до Кремљ.
Пригожин го опиша Вагнер како целосно независна сила со свои авиони, тенкови, ракети и артилерија. Тој е баран во САД поради мешање во американските избори.
Тројца членови на Вагнер се обвинети во Украина за воени злосторства, а меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч изјави во мај 2022 година дека има „убедливи докази“ дека руските паравоени сили убиле цивили и извршиле сериозни прекршувања на човековите права во граѓанската војна во Централноафриканската Република.
Вагнер се соочува и со обвиненија за злосторства против цивили во Либија, е е поврзан и со масакрите и убиствата на цивили во Мали во текот на 2022 година.