Командирот донел одлука затвореникот Мемети кој избега да биде пренесен во болница

Затвор Идризово. Илустрација.

Од Министерството за правда денеска соопштија дека Управата за извршување на санкциите на 13 јануари спровела вонреден стручен надзор во затворот Идризово со цел да се утврдат сите околности кои довеле до бегството на осуденото лице Беким Мемети.

За да биде едно осудено лице спроведено за интервенција до здравствена установа, како што наведуваат од министерството, мора да се подготви упат од лекар во установата, или вон работното време со констатација и напатствие дадено од екипа на итна медицинска помош која во овој случај не била повикана.

„Одлуката за да може осудениот да биде спроведен до Клинички центар ја донел Командирот на одделение и ја потпишал Наредбата за да се изврши спроводот. За да ја потпише оваа наредба Командирот мора претходно да го извести директорот на установата, што во овој случај не е направено, а директорот откако ќе биде запознаен со здравствениот проблем усно ќе даде овластување наредбата да биде потпишана“, посочуваат од Министерството за правда.

Видете и ова: Суспендирани полицајците на кои им побегна затвореникот Мемети

Од министерството додаваат и дека не било испочитувано уште едно правило со тоа што осуденото лице наместо да биде сместено во специјално обезбедениот дел од возилото, по предлог на командирот било сместено на седиштата помеѓу два припадника на затворската полиција.

„Притоа, затворскиот полицаец кој седел до осуденото лице воопшто немал со себе огнено оружје кое бил должен да го носи, а вториот затворски полицаец од кого е одземен пиштолот со кој е пукано во возилото, не се однесувал со должно внимание и не го спречил дејствието при кое пиштолот му е одземен“, се додава во соопштението.

Видете и ова: Притвор за командирот и двајца затворски полицајци за бегството на затвореникот Мемети

36 годишниот тетовчанец побегна кога бил превезуван со полициско комбе од затворот Идризово кон Ургентниот центар „Мајка Тераза“ при што го украл пиштолот на еден од полицајците и пукал кон него. Мемети бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, од кои 19 за убиство и две за трговија со дрога.