Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) соопшти дека во текот на 2022 година издала лиценци на 267 централи за производство на струја од обновливи извори на енергија со вкупна инсталирана моќност од 152,2 мегавати. Со тоа вкупниот инсталиран капацитет за производство на струја во земјава се зголемува за 7 проценти.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски рече дека со произведената струја од овие централи може да се задоволат потребите на 65 700 домаќинства.
„Тоа се приближно шест града во државата како што се Охрид, Тетово, Кратово, Крушево и Крива Паланка“, рече тој.
Најмногу се инвестирало во фотонапонски електроцентрали –106,5 мегавати, во ветерни централи се издадени лиценци за 36 мегавати, во мали хидроцентрали 7,2 мегавати и во термоцентрали на биогас 2,5 мегавати. Бислимоски очекува овој тренд да продолжи, и годинава да има уште 250-300 мегавати од обновливи извори.
„Овие обновливи извори се добри, особено фотоволтаиците, ни помагаат, ги намалуваат за многу краток период трошоците за електрична енергија пред сè на компаниите, но од аспект на водење на системот може да претставуваат проблем. Заради тоа, меѓу другото, во 2023 година ќе се концентрираме најмногу на носење на подзаконска регулатива за поставување на батерии за таа произведена електрична енергија од фотоволтаиците да може да се користи и во други периоди на денот“, рече Бислимоски.
Видете и ова: Ковачевски за годинава најавува раст на домашното производство на струја за 20%„Најверојатно тоа ќе заврши со одредена обврска, тој што ќе изгради фотоволтаик, да има обврска да постави одреден инсталиран капацитет и од батерии, со цел да си го израмни својот дијаграм и тој трошок и таа обврска во целост да оди во ЕСМ“, рече тој.
Бислимоски вели дека во тек се анализите, но искуствата покажуваат дека батеријата треба да биде од 10 до 20 отсто од инсталираниот капацитет на фотоволтаичните централи. Според него, обврската за поставување батерии веројатно ќе ја зголеми цената на инвестицијата за 20-30 проценти, но оти има субвенции за батерии со кои таа разлика сериозно ќе се намали.