Синдикатите контра новиот закон за плати во јавниот сектор

Протест пред Собранието на Сојуз на синдикати на Македонија, 6 јули 2022 година

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) побара повлекување и доработка на предлог-законот за системот за плати во јавниот сектор, кој беше поставен на ЕНЕР( Електронскиот национален регистар на прописи) непосредно пред новогодишните празници. Од ССМ велат дека со него се намалуваат правата на работниците и се елиминира можноста за уредување на платите со колективните договори. Реагираат и на тоа што вредноста на бодот за ниво на работно место ја утврдува Собранието на предлог на Владата, што според нив води до исклучување на синдикатите од овој процес.

„Она што загрижува е дека платите дополнително ќе се намалуваат доколку работникот користи годишен одмор, што е уставно загарантирано право и за време на користење на годишен одмор вработените имаат право на плата во висина на нивната основна плата, а за време на привремена неспособност за работа надомест на плата во висина од 80 отсто од основната плата. Се ова укажува дека во Нацрт- законот е предвидена максимална надлежност на државните органи во регулирањето на оваа материја без социјален дијалог“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Буџетот како надуен балон, а се крати на сите страни

Остри критики стигнаа и од претседателот на Синдикатот на УПОЗ при ССМ, Трпе Дејановски. Тој вели дека законското решение е спротивно на Уставот, бидејќи се прави обид да се регулира исплатата на плата преку правилници, додека, како што вели, според уставите одредби плата се исплаќа само со закон и колективни договори.

„Нема да биде вклучен никој однадвор, нема да бидат вклучени синдикатите и ќе биде по старо, односно ќе се носи вредноста на бодот како што им одговара во Буџетот“, појаснува Дејановски.

За него е спорно и тоа што ќе се носи алтернативна вредност на бодот во случај на кризна состојба во државата, што значи дека во ек на криза платата може да се менува.

Видете и ова: Генерален штрајк во јавниот сектор за повисоки плати, нема решение за продуктивноста

Остра реакција за предлогот вчера сигна и од Синдикатот за култура, од каде велат дека со предлогот се става крај на колективното договарање и социјалниот дијалог. Укажуваат дека со него е утврдено главниот збор во државата во однос на платите на вработените во јавниот сектор, да го има Министерството за финансии како „капо ди тути капи“.

Со ова законско решение засегнати се од 130.000 до 150.000 вработени во јавниот сектор. Тоа доаѓа откако изминатата година синдикатите повеќепати излегуваа на протест, барајќи усогласување на платите во јавниот сектор со минималната, која во февруари се покачи на 18.000 денари. Од Владата тогаш најавија креирање ново законско решение за платите во јавниот сектор, низ социјален дијалог.