Достапни линкови

Генерален штрајк во јавниот сектор за повисоки плати, нема решение за продуктивноста


Протест на ССМ пред Собранието
Протест на ССМ пред Собранието

Покачувањето на минималната плата и поскапувањето на храната и енергенсите го разгоре незадоволството во јавниот сектор кој денеска влезе во генерален штрајк. Платите се мотивација, но тешко е да се измери колку тие ќе ја зголемат ефикасноста на секторот, вели професорот Гоцевски.

Медицинскиот техничар Дарко Трајковски денеска излезе на протест пред своето работно место, Универзитетската клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“, за да побара зголемување на платата за 2800 денари, но и да биде солидарен со сите негови колеги.

Вели дека со оглед на се повисоките цени на храната и енергенсите, наспроти ниските плати, јасно е зошто тој денеска излегол на протест. Потсетува дека во секторите како неговиот, немаат ни регрес за годишен одмор, кој смета дека треба да следи за сите во јавниот сектор.

Дарко Трајковски, медицински техничар
Дарко Трајковски, медицински техничар

„Ова не е само за мене, ова е за целиот јавен сектор, за сите што се вработени. Дали сум јас како техничар, хигеничар, во секој случај ова е за сите. Не се сите овие луѓе само за мојата плата, за нивните плати (туку) за сите плати да бидат покачени, а не индивидуално“, дециден е Трајковски.

Неговиот синдикален лидер, претседателот на Самостојниот синдикат на здравството, Љубиша Каранфиловски, низ бројки истакна дека линеарното покачување на платите ќе биде од исклучителна важност за вработените во неговиот сектор.

„2800 денари линеарно покачување - тоа за сестра со средно образование би значело 14% покачување на плата, за сестра со високо образование значи 10% покачување на плата, за општ лекар 8% , за лекар специјалист 5.8% . Значи ова би значело и покачување на платата што веќе е доста добро“, рече Каранфиловски.

Освен здравствените институции, во генерален штрајк денеска влегоа и вработените во државната управа, правосудството, МВР, комуналните претпријатија односно целиот јавен сектор кој има свои ограноци во Сојузот на синдикати на Македонија. Барањата на ССМ се линеарно зголемување на сите плати во јавниот сектор за 2.806 денари, колку што во февруари беше покачена минималната плата, како и исплата на К-15 во висина од 30 до 100 проценти од платата од наредната година. Генералниот штрајк, го најавија како одговор на одбивањето на Владата да ги прифати нивните барања, а потребата од покачувањето на платите меѓу другото ја правдаат со кризата и поскапувањата.

Така, за време на штрајкот беше најавено дека ќе работат само 10 проценти од вработените, за да се одвива неопходното функционирање на државата. Во периодот меѓу 10 и 11 часот порачаа дека ќе протестираат пред своите работни места. Синдикалните лидери пак застанаа пред Собранието, каде поставија 120 столчиња, колку што има пратеници, за да ги потсетат дека треба да бидат усвоени синдикалните барања.

„Доколку штрајкот не вроди со плод, тоа значи последица. Како што имаме последица денеска по нас работниците, штрајкуваме под притисоци, па ни викаат нема да ви дадеме дневница, ние ќе си бараме оставка. Дали ќе биде од градоначалник, дали ќе биде од министер, дали ќе биде од влада, од локална управа, тоа ќе биде наша проценка“, истакна Дарко Димовски, претседателот на ССМ.

Тој најави дека штрајкот во денешниот формат ќе продолжи и во следните денови, а синдикалните лидери утре ќе протестираат пред Владата, каде ќе бидат поставени 21 столче, по едно за секој министер.

Додека пред старата градска болница имаше бројни штрајкувачи, пред некои институции како на пример Министерството за правда и труд и социјална политика, немаше вработени што протестираа пред нивните работни места.

Пред Министерство за труд и социјална политика, денеска во 10.30 часот
Пред Министерство за труд и социјална политика, денеска во 10.30 часот

Mинистерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, изјави дека во ова Mинистерство утрово никој не пријавил дека штрајкува, при што порача дека граѓаните кои имаат потреба од каква било услуга од јавниот сектор мора да ја добијат услугата.

Јавните службеници, администрацијата за тоа е и платена да испорачува услуги кон граѓаните, нагласи Тренчевска.

Од Владата стојат на ставот дека платите треба да се регулираат низ социјален дијалот, додека од опозицијата во повеќе наврати побараа повисоки плати за јавниот сектор преку почитување на колективните договори.

До каде се „кратењата“ во јавниот сектор

Штрајкот во јавниот сектор, потсети и на проблемот со ефикасноста на јавната администрација, и најавите за нејзина реформа што траат со децении. Реформите беа ставени и во владината програма, како таа на неодамнешниот премиер Зоран Заев, така и на актуелниот Димитар Ковачевски. Во неа се наведува дека ќе се работи кратење на администрацијата за 20%, преку спојување функции и надлежности на институциите, пензионирање на 64 години, но актуелна остана и идејата за трансфери во приватниот сектор.

Мотивацијата пак за нивната работа е наведено дека ќе се прави преку обуки, наградување и плати, мотивација, ресистематизација. Таму, меѓу другото стои заложбата за повисоки плати до 30% од вработените во институцијата, кои постигнале исклучителен резултат.

Со оглед на големината, јавниот сектор е претставува и сериозно гласачко тело. И покрај најавите, кратење на вработени тука немаше. Ако во 2017 година во јавниот сектор работен однос имале засновано 128,722 лица, минатата година плата од државен буџет земале 132.088 лица, или 3366 лица повеќе од пред пет години. Најголем број вработени има во образованието -36 663 лица, здравството со 20252, но и во секторите поврзани со одбраната и полицијата се примени скоро 18,146 лица, во одбраната и полицијата

Сепак, како што се забележува во годишната анализа за состојбата со јавната администрација на Фондацијата Метаморфозис, најавите за кратење на 26 000 работни места се делумно оправдани, бидејќи како што наведуваат оттаму, додека во едни сектори има превработеност, во други недостига кадар.

„Кај вработените во државната управа, поголемо е прашањето на квалитетот отколку на бројот, иако и таму би можела да се направи рационализација на кадри до бројката од 12 илјади државни/административни службеници, но треба да се оди на квалитет, а не само на бројка“, заклучуваат оттаму.

Во анализата се нагласуваат и проблемот со системот на плати, при што забележуваат дека надлежните обично преземаат „интевентни постапки“, наместо системски решенија, како што се покачувањата во здравствениот сектор во време на корона кризата.

Проблемите со јавниот сектор се споменуваат и во последиот извештај на Европската комисија за напредокот за Македонија, каде се вели дека Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација, каде меѓу другото се вели дека “системот на плати треба да се ревидира за да се обезбедат поконзистентни нивоа на плати и за да се промовира мобилноста“.

Професорот Драган Гоцевски од катедрата по административно право и администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ вели дека покачување на платите мора да има и во јавниот сектор, со оглед на економската криза во земјава. Вели дека платата секако влијае на мотивацијата на вработените, но потсетува дека државата нема направено анализа за тоа колкава е продуктивноста на вработените во јавниот сектор. Оттука, додава дека е тешко е да се извади заклучок колку повисоките плати и навистина би го направиле поефикасен јавниот сектор.

„Ние немаме објективно мерило како показател во смисла на тоа колку нашата јавна администрација работи, и немаме показател за продуктивност на ниво на институција, на ниво на служби. Има годишни извештаи кои институциите ги објавуваат, но тоа е само список. Меѓутоа на ниво на службеник нема“, вели Гоцевски.

Тој потсетува и дека три важни закони, кои се клучни за работата на овој сектор со години стојат во фиока - Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за раководна служба.
Инаку, скоро 14% од буџетот кој годинава изнесува 4,4 милјарди евра оди за ставката плати и надоместоци.

Повисоки плати за 72% од вработените во јавниот сектор

Според владините пресметки пак, со ребалансот на буџетот повисоки плати годинава се обезбедени за над 72% од вработените во јавниот сектор или над 92000 лица. Ова вчера го истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски на амандманската расправа по ребалансот на Буџетот за 2022 година.

Тука се ставени службениците кои имале зголемување до новата минималната плата, од 15.200 на 18.000 денари, но и вработените во образованието и судството каде има раст на плати за 15%, во кутурата за 30%, во МВР за 5%.
Според Николовски, останатите лица од јавниот сектор каде нема зголемување на платите, или се од раководството кое има високи плати, или се вработени во јавните претпријатија на државно и локално ниво, каде што одлука за раст на плата носат самите претпријатија.

Голем дел од овие покачувања на платите инаку беа издејствувани преку протести. Најголемиот јавен сектор- образованието, штрајкуваше неколку недели за да издејствува почитување на колективните договори, но на крајот синдикалните лидери и Владата се договорија за 15% повисоки плати, од септември, што беше дочекано со револт кај голем дел од штрајкувачите.

Повисоки плати беа договорени за правосудниот и обвинителскиот сектор, иако судиите само се заканија со штрајк, а вработените во обвинителството не штрајкуваа. Сепак на штрајк излегоа вработените во судските служби.

Седум недели граѓаните не можеа да извадат извод за родени, умрени или венчаница поради штрајкот на вработените во Управата за водење матични книги. Бараа линеарно зголемување на платите за 30 проценти што не им беше прифатено, па штрајкот минатата недела беше ставен во мирување со потпишувањето на Колективен договор.

Пред неколку дена протестираше и судската полиција, за плата повисока за 15 отсто, но и исплата на додатоците за ризик при работа и за доверливост за чување на лични податоци.

Протести изминативе месеци имаа и вработените во пошта, матичните лекари, членовите на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).

На денешниот генерален штрајк на ССМ, пак, му претходеше и големи синдикален протест организиран за Први Мај.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG